6. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Трпевски и Мехмети: Борбата за зелена иднина е долготрајна, младите се мотивирани за зелените каузи

„Мене ме охрабрува дека голем дел на средношколци се активни и верувам дека и нив ги мотивира, преку наше правно насочување, да се обратат до институциите и да се борат за нешто што ним им е важно во нивната локална средина. Голем број на млади се обраќаат кај нас како да им се реши проблемот со управувањето со отпад во нивната околина. Има голем број на млади што сѐ уште се желни и сакаат, дури и да се натпреваруваат со институциите кој е во право во однос на проблемот што го идентификувале и сакаат да се реши“, изјави Бојан Трпевски, Здружение на млади правници, на панелот на „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“.

„Колку се помлади, толку се поентузијасти и оптимисти, додека не ја сфатат големата слика на реалните проблеми и кои се нивни генератори. По извесно време кога ќе се соочат со препреките во реализирање на нивните цели и кауза за подобра животна средина, некако се демотивираат од оваа борба. Но, борбата е долгорочна и ние нема да отстапиме од нашите цели“, додаде Нгадњим Мехмети од Еко Герила.

Додека Мехмети не очекува на изборите догодина политичките партии да ги остварат своите ветувања околу зелените политики, кои ќе бидат дел од нивните изборни програми, Трпевски, оптимистично вели дека е оптимист и очекува тие да се имплементираат.

„Министерството се труди да има инвестиции во животната средина, не е доволно, треба уште повеќе. Но, како пример, минатите две години се поставија три нови мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот, што е над минимумот предвиден со законите. Има инвестиции во таа насока и во други области, но повторно ќе речам, моја желба е да се работи со засилено темпо, особено ако ги започнеме преговорите со ЕУ. Ако не се лажам, следната година треба да излезе скрининг извештајот за Поглавјето 27 и тогаш можеби ќе добиеме и појасна и објективна слика до каде сме и до каде треба да отидеме“, изјави Трпевски.

Мехмети, пак истакна дека целата клима во земјата е многу демотивирачка, имајќи ја предвид и културата на неказнивост.

Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.

Извор: Civilmedia.mk