25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Директорот на СЗО за Европа до министерот Меџити: Северна Македонија е успешен пример за унапредување на примарната здравствена заштита

Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, заедно со министрите за здравство и делегатите на високо ниво од 53-те земји членки на европскиот регион на СЗО, како и претставници на партнерските организации и граѓанското општество, имаат средба во Астана, Казахстан, која се одржува од 24 до 26 октомври 2023 година, на 73. сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа.

Во своето обраќање, д-р Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа, ја посочи Северна Македонија како успешен пример за унапредување на примарната здравствена заштита.

„Со цел да ја унапредиме примарната здравствена заштита, поставувајќи ја како наш приоритет, сакам да посочам еден успешен пример за тоа, Северна Македонија вложи многу труд да го подобри третманот на незаразните болести и овозможи матичните лекари да ја препишуваат хроничната терапија. Честитки до министерот Фатмир Меџити“, потенцира Клуге.

Домаќин на состанокот е владата на Казахстан, под покровителство на неговата екселенција Касим-Жомарт Токаев, претседател на Казахстан.

Како што соопшти Министерството за здравство (МЗ), во рамките на сесијата ќе бидат разгледани неколку планови за јавно здравје, вклучувајќи акциски план за здравјето на бегалците и мигрантите за 2023-2030 година, рамка за акција за здравствената работна сила за 2023-2028 година и патоказ за антимикробна резистенција за 2023-2030 година.

Посебен фокус ќе биде ставен и на прашањата за управување, вклучувајќи ги тековните и идните програмски буџети, а ќе биде претставен првиот извештај за отчетност давајќи преглед на тоа како СЗО/Европа се снабдуваат и управуваат со ресурсите и кои резултати се постигнати.

Инаку, во 2023 година СЗО ја одбележува својата 75-годишнина, 45 години од потпишувањето на историската декларација од Алма-Ата за примарна здравствена заштита (ПЗЗ) и средината на Европската програма за работа (EPW) 2020-2025 година – „Обединета акција за подобро здравје во Европа“.

Оттука, RC73 ќе биде можност за делегатите да размислуваат за моментната состојба на здравјето и благосостојбата во регионот, за напредокот во спроведувањето на EPW, како и сегашните и идните предизвици, велат од МЗ.