Во рамките на Конференцијата за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа средба меѓу генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова и генералната секретарка на Параламентарното собрание на Советот на Европа, Деспина Хаџивасилиу-Цовилис.
На средбата се говореше за активностите на Собранието за зајакнување на парламентарната демократија.
Генералната секретарка Иванова рече дека во изминативе шест години Собранието прави исклучителни напори за демократизација и на демократските алатки, како и на градење на капацитетите и ресурсите, сѐ со цел државата да стане парламентарна модерна демократија.
Говорејќи за функционално Собрание, Иванова нагласи дека актуелното раководство овозможи функционална независна собраниска служба и дека во моментот се работи на осамостојувањето на собраниското обезбедување. Таа потенцираше дека во Собранието во изминатиот период се спроведе процес на дигитализација и дека се очекува отпочнување со работа на новиот Собраниски канал кој ќе ја доближи работата на законодавниот дом до граѓаните.
„Собранието работи и на подобрување на собраниските процедури. Се очекува донесување на нов собраниски деловник, бидејќи стариот имаше правни празнини, со што се овозможуваше блокирање на парламентот. Пред пет години го отпочнавме процесот Жан Моне и она што сега со задоволство можам да го констатирам е дека процесот е во завршна фаза. Деловникот го носиме инклузивно, со широка консултација и со учество на сите заинтересирани страни, со пратеници и од власта и од опозицијата. Сега Деловникот е во второ читање и очекуам дека за една или две недели ќе донесеме нов деловник со кој Собранието ќе работи поефикасно, бидејќи ќе нема пречки за идна блокада на Парламентот“, рече Иванова, која го потенцираше и учеството и улогата на Собранието во скрининг-процесот.
За соработката со ПССЕ и со Мрежата на Европскиот центар за парламентарни истражувања, рече дека треба да се интензивира.
Генералната секретарка на ПССЕ, Деспина Хаџивасилиу-Цовилис, потенцираше дека за прв пат е во земјава, но дека секогаш земјите од Западен Балкан се приоритет.
Таа истакна дека прашањето за унапредување на човечките ресурси е секогаш голем предизвик и дека жените може успешно да менаџираат со работата на секое поле.
На темата дигитализација, рече дека би било добро службите на ПССЕ и на Македонското собрание да разменат искуства, сѐ со цел подобрување на онлајн услугите.
Беше отворено и темата за сексуалното насилство врз жените. Двете соговорнички се согласија дека токму жените имаат голема одговорност во однос на ова прашање.