23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Војната помеѓу Израел и Хамас го загрозува економското закрепнување на Европа

Во време кога инфлацијата се става под контрола и растот почнува да закрепнува, поширок конфликт на Блискиот Исток би предизвикал значителни проблеми за европската економија, која се подготвува за последиците.

Дополнителна ескалација на војната помеѓу Израел и Хамас може да го загрози чувството дека работите почнуваат да се подобруваат по руската инвазија на Украина.

Владите ширум светот стравуваат од последиците од насилството на Блискиот Исток толку брзо по економските турбуленции предизвикани од пандемијата и агресијата на Москва.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер на маргините на годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка истакна дека светската економија влегува во тешки времиња бидејќи геополитичките тензии се реален економски ризик.

Секоја ескалација во тој регион, вели тој, ќе има значително влијание врз глобалниот раст и глобалната благосостојба.

Откако Русија испрати војници во Украина, предизвикувајќи силен скок на цените на горивото, глобалното производство почна да закрепнува, но бавно, растејќи за 3 отсто оваа година и се очекува да остане умерено на 2,9 отсто следната година, како што предвиде оваа недела од ММФ.

Еврозоната најверојатно ќе порасне само 0,7 отсто оваа година и 1,2 отсто следната година – што е намалување од -0,2 и -0,3 процентни поени во споредба со претходните очекувања на ММФ.

Очекувањата се дека глобалната инфлација ќе се ублажи, но нема да се постигне 2 отсто годишно,  што е целта на многу централни банки.

Иако економската штета од конфликтот Израел-Хамас досега е релативно ограничена, постојат стравувања дека долготрајна војна, со потенцијал за понатамошна ескалација на Блискиот исток, може да предизвика поголем раст на инфлацијата.

Според експертите, секоја вмешаност на Иран во конфликтот, што е негирано од Техеран, може да предизвика значаен скок на цените на нафтата, со оглед на тоа што би се очекувало пад на иранското производство на нафта и заострување на западните санкции против Иран.

Тоа би ја отежнало борбата за контрола на инфлацијата, вршејќи притисок врз владите да преземат дополнителни мерки за справување со кризата на трошоците за живот.