„Голем број од околу 700 проекти реализирани со поддршка од 80-тина милиони евра во последните 10 години, се во туристичкиот сектор и се реализирани од фондовите на ЕУ“ рече вицепремиерот за еворпски прашања, Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Охрид.
Тој додаде дека ЕУ помогна да се изградат адреналински паркови, еден во Скопје кој е огромна атракција и еден на Пелистер кој е во финална фаза на изградба.
„ЕУ ја заштити куќата на Робевци, а со европски фондови се заштитуваат цркви и се градат манастирски конаци. ЕУ помогна да се развијат повеќе винарии низ земјава кои се врвен туристички потенцијал. Има безброј вакви примери“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека со секој чекор чекор во пристапниот процес за членство во ЕУ ќе се отвораат нови и нови можности и фондови за поддршка од Брисел и за развој на туристичките капацитети и нови туристички понуди.
„Наша должност е да не го загрозуваме нашиот охридски регион, регионот кој светот го препозна и ја верификува неговата уникатност. Наша должност е на исто рамниште на туристички атракции да ги промовираме и другите региони, нашите планински убавици. Наша карактеристика која ќе нѐ направи уникатни се зелените инвестиции во туризмот со поддршка на фондовите на ЕУ што ни стојат на располагање и со новите што претстојат“ рече Маричиќ.