24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Охрид ни ги носи Европа и светот кај нас, во европска Македонија

„Нема посоодветно место за разговор на темата за негување на културното наследство, природната убавина и развојот на туризмот од Охрид. Културното наследство и Охрид како скапоцена вредност на земајта ни носи развој на туризмот. Токму Охрид ни ја носи Европа и светот кај нас, во европска Македонија“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на трибината „Ние сме Европа“ во Охрид.

Тој додаде дека туризмот веќе не познава територијални граници, туку само дестинации кои се протегаат до каде што туристите имаат интерес да патуваат.

„Сите сме горди дека Охрид е ставен на листата на туристички атракции на еден од најголемите тур оператори во светот, во Велика Британија благодарение на директните летови со Манчестер и Лондон. Европа го препозна Охрид како една од најатрактивните туристички одредишта и затоа оваа година градот на Унеско ќе ја запише како една од најуспешните, ако не и рекордна туристичка сезона“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека туризмот е во врвот на приоритетите на ЕУ и гледа на него како на исклучително значајна економска активност со широко влијание врз економскиот раст, вработувањето и целиот општествен развој.

„Бројките ни даваат право да сме горди на сработеното и постигнатото и на нашите туристички работници. Туристичкиот промет покажа раст и во вториот квартал за 2023 година – и тоа раст од 28% споредбено со истиот период минатата година“ рече Маричиќ.