25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Колумбија

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Колумбија за Република Северна Македонија со седиште во Будимпешта, Игнасио Руиз Переа.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски истакна дека именување на Руиз Переа за нов амбасадор е доказ за традиционалното пријателство што ги поврзува нашите две земји и изрази надеж дека тоа пријателство во периодот што претстои и натаму успешно ќе се продлабочува во сите области од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

„Република Северна Македонија посветува сè поголемо внимание на развојот на односите со државите од Централна и Јужна Америка, како регион со исклучително големи можности и развојни перспективи. И покрај регионалната припадност на две различни географски целини, длабоко сум уверен дека постои значителен и автентичен интерес кај владите и на двете држави за засилен ангажман, како и за натамошно вложување заеднички напори во насока на севкупно унапредување на односите и соработката меѓу двете земји“, истакна претседателот Пендаровски во поздравниот говор.

Амбасадорот Руиз Переа во своето обраќање истакна дека Колумбија високо ја цени посветеноста на нашата земја на европските интеграции и заложбите за мир и стабилност на регионот на Западен Балкан и изрази подготвеност за унапредување на билатералните односи, соработката во меѓународните организации и развој на севкупната соработка во областите од взаемен интерес.

На свечената церемонија, претседателот Пендаровски искажа поддршка и му посака успех на амбасадорот во вршењето на дипломатската мисија.