24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Северна Македонија до крајот на 2023 година ќе биде прва земја во Европа што ќе го искорени бездржавјанството

Законските измени што Република Северна Македонија ги направи во изминатиот период, особено во 2023 година, претставуваат цврста основа до крајот на годината да станеме првата земја во Европа што ќе го искорени бездржавјанството.

Ова го истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во својство на претседавач со ОБСЕ ја отвори ОБСЕ – УНХЦР регионалната конференција за спречување бездржавјанство во Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје. Во своето обраќање Османи се осврна на примерот на Северна Македонија и како законски е регулиран процесот за решавање на случаите на бездржавјанство.

„Во 2020 година донесовме нов закон за нерегистрирани поединци во Матичната книга на родените со цел да овозможиме полесно остварување на општествено-економските права и пристап до јавните сервиси на сите лица што поради статусот на апатрид, претходно биле маргинализирани. Во јуни 2023 година, по опсежни консултации со сите релевантни агенции, усвоивме измени на Законот за матичните книги, со кои создадовме рамка за системско решение и спречување нови случаи на нерегистрирани лица“, потенцира Османи.

Според него, оваа одлука доволно зборува за јасната политичка волја и посветеност потребни за искоренување на бездржавјанството и обезбедување правен идентитет за сите нерегистрирани лица.

Османи истакна дека инклузивноста, недискриминацијата и заштитата на правата на секој поединец се срж на вредностите на ОБСЕ и приоритет во нашата работа како актуелни претседавачи со Организацијата.

„Статусот бездржавјанство не смее да значи автоматско лишување од елементарните човекови права. Никој не заслужува да биде спречен да ги остварува своите човекови права. Ниту еден човек, со или без националност, не ја заслужува оваа судбина. За жал, лицата без државјанство се соочуваат со низа ограничувања во однос на нивните општествено-економски права и слободата на движење континуирано стравувајќи од прогон, што е целосно спротивно на основните принципи на хуманизам и елементарна човечност“, рече Османи.

За справување со овој проблем, додава Османи, потребен е зголемен ангажман на сите држави, меѓусебна соработка на институциите и поголема сензитивност во однос на проблемот.

Денешната конференција е заеднички организирана од страна ОБСЕ и Агенцијата за бегалци на Обединетите мации – УНХЦР и претставува цврста основа за поттикнување заедничка акција за справување со овој предизвик помеѓу земјите учеснички на ОБСЕ, рече Османи.