18.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Митева: Според проекциите на ММФ, Македонија е последна, зад Косово, Албанија и Црна Гора

„6-те години власт на СДС и ДУИ ја направија Македонија рекордер по сиромаштија, затворени фирми и пропадната економија. Поразителни се бројките на експертите, кои говорат дека до пред само неколку години бројот на наши сограѓани што биле во сиромаштија бил 360.000, а сега до крајот на 2023 година таа бројка се очекува да се искачи на 510.000. Тоа се речиси 30 % од луѓето што живеат во државата“, рече Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Со Ковачевски и Груби, 510.000 наши сограѓани живеат на работ на сиромаштијата, додека тие делат бизниси и распишуваат милионски тендери. Последиците се очекувани особено ако се погледнат економските политики и резултати мерени од страна на домашни и странски институции.

Имено, во 2022 година затворени се 6.857 компании, од кои 5 се големи компании со над 250 лица вработени во нив, 3 се средни компании и остатокот се микро претпријатија, кои прехранувале најмалку уште толкав број на семејства.

Додека Македонија со оваа власт тоне може да се заклучи и од најновата проекција на економскиот раст за земјите од регионот објавена од ММФ. Според најновите проекции на ММФ Македонија е последна, зад Косово, Албанија и Црна Гора и овие држави годинава ќе ја завршат со над 50% поголем економски раст.

ММФ прогнозираше раст на македонската економија од 2,5 % за оваа година, а во исто време проекцијата за Албанија е 3,6 %, што е за 50 % повеќе од Македонија. Растот пак на економијата на Црна Гора за оваа година од страна на ММФ се прогнозира дека ќе биде 4,5 %, тоа е за 80 % подобар резултат.

Поради неспособната Влада, Македонија останува и зад Косово за чија економија процената е дека ќе расте 3,8 %.

И сето ова, почитувани, завршува со високата инфлација за што директно виновна е власта на СДС и ДУИ и, внимавајте, инфлацијата во Македонија е 50 % повисока од таа во еврозоната.

Нема економски параметар по кој Македонија не е на дното. Со СДС и ДУИ дното секој ден добива ново значење“, изјави Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.