21. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ИНТЕРВЈУ

Томе Христоски, градоначалник на Општина Крушево: Крушево има своја приказна која секој треба да ја доживее

Крушево годинава е „Град на културата“. Или како што го нарекуваат „Крушево – жив тестамент на културата“, каде што 2023 година уште ја нарекуваме и „Година на културна фузија“. Што означува овој епитет за Градот, за жителите, но и за државата?

Да се биде „Град на културата“ е додадена вредност на природните убавини на Крушево и можностите за рекреација. Уверен сум дека содржините што ќе ги проследиме оваа година ќе продолжат да бидат инспирација и можност за креирање побогата слика за овој автентичен град. Богатата содржини со вклученост на најразлични групи учесници се одвиваат преку целата година, имаат свој придонес за непосредниот економски и туристички поттик.

Македониумот го внесе Крушево на светската уметничко-архитектонска мапа. Останува сите заедно да продолжиме да ги зајакнуваме и да ги осовременуваме македонските културно-историски вредности, но и потенцијали што ги има Крушево. Затоа, дојдете во Крушево бидејќи тоа е жив тестамент на културата.

Крушево има своја приказна, која секој треба да ја доживее. Без разлика дали сте уметник, културен ентузијаст, студент, треба да се придружите кон ова неверојатно патување. Заедно, да го прославиме оригиналниот дух на нашето Крушево и да создадеме наследство што ќе продолжи да ја инспирира и да ја обединува заедницата во годините што доаѓаат.

Градот, освен културна ризница, претставува и сериозна туристичка атракција со кој се гордее македонскиот народ. Што е тоа што го брендира Крушево како туристичка атракција?

Небото над Крушево оваа година беше рај за параглајдеристите! Полетиштето на Мечкин Камен комплетно беше подготвено за сезоната на летање! Храбрите заљубеници во височините можеа безбедно да полетуваат, во подобрени услови и на нова професионална вештачка трева. Теренот во Крушево е подготвен за одржување многу национални, меѓународни, европски и светски првенства во параглајдинг и змејарство.

Започнавме со 1 SRS OZONE EDITION, потоа следеа FLYMASTER OPEN 2023, Белгиското првенство во параглајдинг, Норвешкото првенство, NORDIC OPEN 2023 и од 6-19 август се одржа Светското првенство во змајарство. Параглајдерството е атрактивен натпреварувачки, рекреативен спорт и воздухопловна гранка, која го привлекува вниманието на туристите. Крушево како дестинација за четири сезони, го промовира зголемувањето на понудата во делот на алтернативните форми на туризам, која е многу подоходовна за лoкалната економија и значи искористување на сите уникатни, природни ресурси. Ги повикувам сите заинтересирани да го посетат градот кој е дел од мапата на “Спортски авантуристички туризам”.

Крушево е највисок град на Балканот, кој живее во текот на целата зима. Успеавме ли оваа туристичка дестинација да ја направиме град на туризмот во текот на целата година?

Најголем предизвик претставуваат врнежите од снег од кои зависи зимската сезона. Оваа зимска сезона снегот не не удостои, што во голема мера ги разочара љубителите на снежните спортови, но климатските промени си го прават своето и снег низ годините имаме се помалку. Иако без снег, Крушево означува една прекрасна топла сезона. Главни гости беа од нашата држава, но имаше и доста гости од странство. Крушево се поамбициозно се стреми да стане град на 4 сезони. Ако до пред некоја година фокусот беше ставен само на снегот, оваа година има многу повеќе активности. За да дојдете до тој степен на привлекување на туристи, треба да овозможите добра инфраструктура која е предуслов за раст и развој на локалната економија, а со тоа раст и развој на туризмот. Постојано работиме во насока на развивање на туризмот. За Крушево слободно можеме да кажеме дека е едно од најубавите места во Македонија, кое вреди да се посети. Подеднакво е убаво во секое годишно време, оттука може да понесете убави спомени кога и да дојдете. Добро познатиот Станич нуди најразлични содржини, ски терените и жичарницата се добро подготвени и постојано одржувани. Станич е дополнет со адреналински парк, инвестиција на Панорама хотел и спа и овозможува адреналинска возбуда на 3000 квадратни метри со низа содржини како што се роуп лајн, зип лајн, гоу карт, велосипедски патеки и карпа за искачување. Се отворија 6 од вкупно 7 планински велосипедски патеки проектирани и изградени по меѓународни стандарди. Потребите на вљубениците на планински велосипедизам и капацитетите кои ги поседува Крушево претставуваат основен мотив за еден ваков значаен проект за Крушево, но и за Македонија.

Што е она што го нуди градот на посетителите?

Крушево со своите природни убавини, планинската поставеност, спомениците, како сведоци на богатата историја, традиционалната кујна и гостољубивоста на Крушевчани, секојдневно привлекува домашни и се повеќе странски туристи. Освен уживањето во скијачките терени на зима, велосипедските патеки преку целата година, риболовот на езерото, шетањето по корија и улиците на градот, планинската позиција за еден екстеремен спорт го сврсти на трето место во светот како центар за параглајдинг. Крушево има да се покаже по многу нешта – од специфичната препознатлива македонска архитектура, чистиот воздух, богатата традиционална трпеза, неодминливиот крушевски локум и целувки и секако, историјата која се открива на секој чекор вткаена во бројните споменици.

Крушево е Мека и Медина за љубителите на адреналин и активен туризам, како и за сите љубители на традицијата, културата и религијата. Како основа за реализација на ваквите патувања е полетувалиштето и неговите придружни содржини, црквите и манастирите во Крушево и околината, бројните споменици на културата во градот, историските споменици, надополнети со угостителите и хотилиерите кои на своите менија имаат традиционална крушевска храна кој може да се вкуси само тука и на никое друго место.

На кое поле сметате дека градот треба да се подобри со цел да привлече повеќе посетители?

Во последните неколку години остваривме рекордни инвестиции во образованието преку реконструкција на подрачните училишта, изградба на инфраструктура во локални улици и патишта, водоводи, како во градот, така и во населените места. Инвестираме во Јавните претпријатија, на ЈП Комуна за да се подобри јавната свест и јавната чистота со директна финансиска поддршка, исто продолжуваме со нејзино опремување и со опремување на територијално противпожарната единица Крушево.
Крушево повторно стана едно големо градилиште, во кое најпрво се градат патишта кои ќе ги поврзуваат селата внатре низ општината и секако во градот, патишта кои ја поврзуваат општината со другите поголеми градови, а со тоа ќе се скрати времетраењето на патувањето, при што доведовме до вистински раст и развој на градот, општината, особено со осврт во туризмот.
Исто така се градат водоводи, канализации и други инфраструктурни проекти насекаде во општината, имаме ново Светско полетиште со асфалтирање и реконструкција на патот од ,,Порта до Мечки Камен”. Со тоа добивме комплетно функционална целина на кое место се одржуваат Светските првенство за змејарство и парагллајдерство и државни првенства во параглајдерство.

Како градот се „бори“ со зачувување и заштита на животната средина?

Заштитата на животната средина е еден од нашите приоритети, затоа што ништо не е поважно од здравјето на граѓаните. Гордост ми се проектите во урбаната мобилност како што е изградбата на велосипедски патеки, создавање современа вело – инфраструктура во градот, а воведената селекција на отпадот во домаќинствата дава добри резултати. Правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско право. Неговото почитување значи услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Заштитата на животната средина треба да биде цел на сите граѓани, само така може да обезбедиме здрави услови за живот, за нас и генерациите по нас.
Потпишавме договори со Нула отпад по новите законски регулативи и е предвидена инфраструктура од 5 контејнери за мала отпадна електрична и електронска опрема и 20 садови за селекција на отпадни батерии. Воспоставуваме ефикасен и одржлив систем за управување со електричен и електронски отпад и отпадни батерии во сите општини каде чистата и здрава животна средина е приоритет и цел за остварување. ЈП Комуна Крушево секојдневно ја чисти депонијата, продолжува со сите напори да ги чисти сите направени диви депонии, меѓутоа некултурата на поединци продолжува и на жалост, покрај нашата работа и сите укажувања и апели. Подготвуваме План и програма за управување со отпад на територијата на општина Крушево како едни од стратешките плански документи за чиста и здрава средина и обврска. Како Општина се стремиме кон унапредување на заштитата на животната средина согласно законските регулативи: Закон за животна средина, Закон за отпад и Управување со посебни текови на отпад на Република Северна Македонија.

На територијата на општина Крушево ќе се постават мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот, успеавме да зафатиме нови гравитациони извори на вода и ќе се реконструира делот од водоводната мрежа кон Крушево со што ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се намалат загубите на вода. Во нареднава година планираме да поставиме фотоволтаици на општинските објекти во насока на заштеда на електричната енергија. Голем проблем на нашата општина е огромната потрошувачка на електрична енергија за пумпање на водата од регионалниот систем Студенчица од пумпната станица во с. Нороволоцирана на 600 метри надморска височина до градот Крушево 1300 метри надморска висина. Во моментов изготвуваме техничка документација за целосна реконструкција на пумпната станица со техничко решение кое ќе вклучува фотоволтаични панели за снабдување на пумпната станица со електрична енергија. Ова решение заедно со мониторинг систем на водоводна мрежа во градот ќе овозможи заштеда на електрична енергија, намалување на процентот на неприходувана вода и консолидација на ЈП Комуна – Крушево, со крајна цел подобрување на квалитетот на општинските услуги кои ги испорачуваме кон граѓаните. Согласно новите мерки и препораки на Владата за заштеда на електричната и топлинска енергија, Општина Крушево започна проект со кој е извршена промена на 200 сијалици на уличното осветлување на територијата на град Крушево. Промената ќе биде со заменување на постоечките сијалици со нови СМАРТ ЛЕД сијалаци преку кои се обезбеди повисоко ниво на заштеда и намалување на потрошувачката на електричнаенергијаза јавното осветлување.