25.8 C
Скопје
21. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со членството во НАТО, овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар

„Со членството во НАТО, овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар. За споредба во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на Инфо сесијата посветена на стопанствениците „Довербата расте“.

Тој дополни дека инвестициите во ТИРЗ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра. Само во една година, новите договорени инвестиции се на ниво над 1 милијарда евра.

„Стапката на невработеност пак во 2016 година беше речиси 24%, за да денес е ниво под 14%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата. За споредба исто, во 2016 година, минималната плата во државата изнесуваше 10.000 денари, а сега од март годинава изнесува 21.000 денари, значи двојно повеќе во однос на тоа што го затекнавме. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22.000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 37.000 денари. Тоа се цели 230 евра месечно повеќе во семејниот буџет на работниците во државата“, потенцираше Ковачевски.

Сите овие параметри и показатели се доказ дека нашиот стратешки европски пат, е правилниот пат. Со зачленувањето во ЕУ резултатите ќе бидат уште подобри. Тоа го покажуваат и анализите за земјите пред и по влезот во ЕУ. Затоа, местото на Северна Македонија е во ЕУ, со најдобрите и економски најразвините држави, заклучи Ковачевски.