„Дали сакал Ковачевски или не сакал, избори ќе има. До сега во овие повеќе од 3 децении не се случило да нема лидерска средба на која ќе се договорат термини за тие избори, не се случило да нема лидерска средба на која ќе се договорат термини за тие избори, не се случило да нема разговори во кој ќе се дефинира Изборниот законик затоа што таму има технички препораки од ОБСЕ и ОДИХР, кои треба да бидат имплементирани, некаде околу 12 на број. Не се случило на 6 месеци пред избори да биде упатена покана до мониторинг-мисијата на ОБСЕ и ОДИХР, треба да се дефинира дата за техничка влада. Ова се работи што сакал Ковачевски или не сакал, ќе се случат за неколку месеци од сега“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета на Општина Кисела Вода во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“
Тој изјави дека треба да се разговара на таа тема, а ако мисли дека не треба да се разговара, во ред одговорноста е негова но треба да разбере дека таа одговорност и сега кога е премиер и од кога ќе биде жестоко поразен на изборите ќе треба да ја носи со себе.
„Тој нека одлучи еве јас јавно уште еднаш велам, треба да седнеме и да разговараме за рокови и за дати за да можеме да организираме два процеса кои се многу важни за Македонија, претседателските и парламентарните избори и да ги согледаме сите можни предизвици кои се поврзани со овие процеси. Стојам на располагање на оваа тема кога сака тој да седнам и да разговарам, за се останато можеби не е добар соговорник Ковачевски бидејќи после поразот на парламентарните избори не е сигурна неговата иднина во рамките на партијата СДСМ“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека треба да се разговара за иднината на државата бидејќи ни претстојат два суштински и комплексни процеси.
„Логично е да има двојни избори за да се намали трошокот затоа што еден изборен процес е помеѓу 7 и 10 милиони евра кои ќе бидат потрошени и сега би било малку несмасно и некоректно од наша страна во услови на криза, во услови кога половина од населението гладува и едвај врзува крај со крај од први до први ние да зборуваме за одвоени изборни процеси уште повеќе што можеме да влеземе во политичка и уставна криза ако претседателските избори не бидат успешни и тогаш навистина влегуваме во еден озбилен проблем имајќи предвид дека 2025 година е повторно изборна година каде имаме локални избори. Нашата намера е само да помогнеме во процесот и само државнички да се однесуваме и цениме дека можеби најдобро за државата е да има заеднички избори, вториот круг претседателски да бидат заедно со парламентарните избори. Ние сме подготвени на кој било концепт, секако тие ќе бидат поразени“, дециден е Мицкоски.