22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Русија се обиде да спречи обраќање на Османи пред Советот за безбедност, Рама не дозволи

„На која основа го поканивте министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ да се обрати на денешниот состанок на Советот на безбедност (СБ) на Обединетите нации (ОН)?

Вакво прашање му упати рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензи, на премиерот на Албанија, Еди Рама кој претседаваше со вчерашната сесија на Советот за безбедност на ОН, противејќи се Османи да се обрати пред Советот.

„Ние се спротивставувме на присуството на министерот за надворешни работи на Македонија и за тоа го информиравме Албанското Претседателство со Советот за безбедност. Доколку Албанското Претседателство со СБ му дозволи на господинот Османи да се обрати, веруваме дека тој може да ги изрази само консензуалните позиции на ОБСЕ. Мoрам да потенцирам дека ОБСЕ, поради деструктивниот пристап на западните сили, на никој начин не придонесува во процесот на решавање на состојбата во Украина, туку само ја влошува“, рече Небензи.

На обраќањето на Османи гледаме како на обид да се претстават еднострани правила на играта, наспроти редослед заснован на правила, додаде рускиот амбасадор во ОН во своето подолго обраќање и неколку реплики со цел да го спречи обраќањето на Османи.

Одговорот на претседавачот со сесијата на СБ, Рама, беше дека не го разбира спротивставувањето на Русија на присуството и обраќањето на Османи, со оглед на тоа дека ОБСЕ игра важна улога и има голем придонес за состанокот.

„Доколку ми објасните подобро што е проблемот со тоа, со задоволство ќе ви објаснам“, рече Рама, кој исто така по неколку реплики со Небензи ја затвори дискусијата и дозволи обраќање на Османи и на останатите учесници на СВ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на Претседавач со ОБСЕ, се обрати пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, Османи пред СБ се осврна на руската воената агресија против Украина, истакнувајќи дека заедничката потрага по мир зависи од колективниот ангажман на ОБСЕ и ОН.