22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вонредна состојба во Лампедуза поради мигрантите: Доаѓа и Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети Лампедуза за време на викендот, откако илјадници мигранти пристигнаа на италијанскиот остров оваа недела. Таа прво ќе се сретне со премиерката Џорџа Мелони во Рим, изјави за ДПА портпаролот на претседателот на Европската комисија на маргините на настанот во Ханау, Германија.

Мелони и Фон дер Лејен планираат после тоа заедно да ја посетат Лампедуза, додаде тој. Мелони вчера ја повика Фон дер Лајен на Лампедуза за да стекне впечаток за „сериозноста на ситуацијата“ со која се соочува Италија. Десничарската италијанска премиерка повика на операција на ЕУ со цел „веднаш“ да се запрат чамците со мигранти.

„Доколку е потребно, треба да се распореди и морнарицата“, рече Мелони во синоќешното видео обраќање. На мигрантите не треба да им се дозволи да патуваат до европското копно од Северна Африка, според Мелони. Од почетокот на неделата неколку илјади мигранти пристигнаа со брод на Лампедуза, мал остров меѓу Сицилија и Северна Африка.

Во Лампедуза за еден ден пристигнале рекордни 5.000 луѓе, а прифатниот камп бил преполн. Поради близината со тунискиот крајбрежен град Сфакс, Лампедуза е една од главните дестинации за мигрантите кои се обидуваат илегално да стигнат до европските брегови од Северна Африка.

Градскиот совет на Лампедуза во средата прогласи вонредна состојба. Мелони дојде на власт во октомври со ветување за сузбивање на илегалната миграција, но оваа година на овој начин во Италија пристигнаа околу 126.000 мигранти, речиси двојно повеќе отколку во истиот период во 2022 година.

Мелони рече дека владата ќе се состане во понеделник за да усвои итни мерки, вклучително и барање војската да изгради поголеми прифатни центри за сместување илегални имигранти и продолжување на ограничувањето на бројот на луѓе на кои им е дозволено да престојуваат во прифатните центри.