16.8 C
Скопје
16. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЦУК: Со воздушна поддршка и со противпожарни сили од земја се дејствува врз двата големи пожара во општините Чашка и Долнени

Центарот за управување со кризи информира дека пожарот во атарот на село Црнилиште, општина Долнени, што почна околу 11.25 часот вчера, се прошири на два крака, и тоа во правец на село Долгаец и кон село Стровија. Опожарена е голема површина уредена шума. Интервенираат Територијалната противпожарна единица Прилеп со 11 пожарникари и три ПП-возила, пет вработени од ЈП „Национални шуми“, подружница „Црн Бор“ од Прилеп, со специјално возило, и четири лица од Ловечкото друштво, село Црнилиште.

„Во координација со локалните структури, во поддршка на лицата што гаснат од земја, приклучени се еден хеликоптер на МВР и трите противпожарни авиони ‘ер трактори’ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тие досега направија неколку успешни налети, со што кракот што се движи кон село Долгаец е локализиран и се пристапува кон негово целосно доизгаснување. По ова, дејството на хеликоптерот на МВР е веднаш ориентирано врз кракот од пожарот кон село Стровија, велат од ЦУК.

Од 12.30 часот на територијата на општина Чашка, кај селата Ореше и Богомила, вчера, почна пожар, при што горат дабова шума и габер. Од утринските часови таму интервенираат 10 вработени од ЈП „Национални шуми“, подружница „Бабуна“ од Велес.

Како воздушна поддршка, во координација на силите кои гаснат од земја, е испратен хеликоптер на Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ), што веќе неколку пати дејствува на сртот над селата Ореше и Богомила. Таму има „гола сеча“ од пред неколку години, но насобраниот отпаден материјал претставува висок ризик за гаснење од земја. Во текот на денот, веднаш, по намалување на опасноста на пожарот во Општина Долнени, трите ПП авиони „ер трактор“ и хеликоптерот на МВР е планирано да интервенираат во Општина Чашка.

Постои отворена можност, овие два пожара од Општините Чашка и Долнени да се спојат во еден, се додава во соопштението на ЦУК.