„Во следните пет години ќе се инвестираат околу 250 милиони евра преку ИПАРД 3 програмата. Од ИПАРД 2 склучивме договори за цел буџет, тоа се околу 2400 реализирани и исплатени договори. Ако од ИПАРД 1 искористеноста била 19 отсто, сега имаме 98 отсто искористеност“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во „Тема на денот“ на Сител ТВ.
Тој додаде дека од ИПАРД 1 вратени биле 44 милиони евра како неискористени, додека од ИПАРД 2 не е вратено ниту едно евро.
„Затоа сме првата земја што започнува со ИПАРД 3, со зголемен буџет од 97 милиони евра неповратни европски пари. Распишавме повик, најголем во споредба со земјите од регионот. Моментално овој месец имаме на располагање износ од 40 милиони неповратни средства“ рече Николовски.
Тој додаде дека има неколку новини во новата програма, покрај зголемувањето на буџетот, како што е можноста за набавка на опрема од било каде, не само од земјите од ЕУ.
„Најдоброто е што има можност 30 до 50 отсто од средствата кои се финансирани од ЕУ земјоделците да ги добијат веднаш по потпишувањето на договор. Ако имате проект од 100 илјади евра и сте млад земјоделец добивате поврат од 70 отсто, значи 70 илјади евра. Веднаш може тој млад човек да добие 35 илјади евра за да не се задолжува во банки, да плаќа камати и да биде мотивиран да аплицира“ рече Николовски.