Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Акробации, авионски формации и суперсонични авиони на Аеромитингот по повод 100 години македонска авијација

Во сабота, 16 септември, на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје, ќе биде одбележан јубилејот – 100 години Македонска авијација, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година. Посетителите ќе може да уживаат во акробации, летање на авиони во формации, како и прелети на суперсонични авиони.

Аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе уживаат во акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации.

Во програмата предвидено е да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите Air Tractor AT-802A Fire Boss на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот Лирџет 60, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Mi-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион Ербас А320 на авиокомпанијата Визер.

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи MIG-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе биде дел од големиот Аеромитинг.

На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот – „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство. Во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, „Илинденка“ ќе може да ја видат посетителите на овој настан.

Влезот на аеромитингот е бесплатен, а паркинг-местата се ограничени. На посетителите од Скопје им се препорачува, наместо со автомобил, на Стенковец да дојдат со бесплатните автобуси кои тргнуваат во 8.30 часот, од пет локации во Скопје: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата Борис Трајковски. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.

Можеби ќе ве интересира

Преку мобилна апликација секој ќе може да си провери дали има казна од „Безбеден град“, ќе се бележи историја на прекршоци за секого

C +

Инцидент во скопско село: Закани со огнено оружје по конфликт за паркинг

ДЕСК

Предновогодишна тепачка во угостителски објект во Скопје

ДЕСК