За премиерот Димитар Ковачевски, измените на Кривичниот законик се за побрза казнивост, идентификување на конкретни дела и конфискација на нелегално стекнат имот, а амнестија нема за никого да има.
„Овие измени се токму за тоа, побрза казнивост, идентификување на конкретни дела и конфискација на нелегално и незаконски стекнат имот. Никаде во законот ако го погледнете нема никаква амнестија за никого, ако имало амнестија, некој веројатно денеска ќе беше амнестиран, законот веќе е потпишан од претесателот на државата“, истакна Ковачевски.
Ковачевски додаде дека сите сме сведоци оти судските постапки траат со години, некои траат и со децении, и притоа, никогаш не се случува да комплетно имотот којшто бил злоупотребен врз основа на неправилно спроведени постапки, на некој којшто тоа го направил, да биде конфискуван во целост.
„Ние не можеме да градиме правосуден систен врз основа на законски одредби од 19 ти век“, појасни Ковачевски.
Прашан како ги коментира реакциите во јавноста дека можеби станува збор за меѓупартиски пазар во однос на измените на Кривичниот законик, тој рече дека измените на Кривичниот законик беа презентирани на пленарна седница, а потоа беа ставени и пред Комисијата за европски прашања која може секој да ја следи низ директен пренос и да ги слушнат дискусиите.