30. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Улогата на жените во безбедносните процеси е клучна за демократските општества

Обезбедувањето на услови кои ќе гарантираат дека жените имаат значаен удел во одлучувањето, вклучително и во политичкиот и во безбедносниот сектор, е од исклучителна важност за стабилноста во регионот на ОБСЕ кој се соочува со најсложениот безбедносен предизвик како што е воената агресија на Русија врз Украина.

Токму затоа, Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ како еден од клучните приоритети ја постави родовата еднаквост во сите три димензии на ОБСЕ – безбедносната, економската и човековата. Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, од Штуловиот Унивдрзитетот во Тетово, на отворањето на Конференција за родова еднаквост и јакнење на положбата на жените, организирана во рамки на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година и прва конференција на ОБСЕ за родова еднаквост.

“Основањето на оваа институција во земјата даде можност да се зајакне еден од основните акцелератори за подобрување на улогата на жените и девојките – тоа е пристапот до високото образование, кое служи како основа за нивно поголемо вклучување во општествените и процесите за носење одлуки“, рече Османи.

Воедно, Претседавачот истакна дека ОБСЕ ќе ја продолжи својата теренска работа во насока на понатамошно унапредување на родовата еднаквост и зајакнувањето на положбата на жените со поддршка на земјите-учеснички и институциите на ОБСЕ, а дел од успешните иницијативи ќе бидат претставени и во рамки на Конференцијата.

„Како приоритети на нашата теренска работа, продолжуваме со поддршка за поголемо учество на жените во градењето на мирот и безбедноста преку нивно директно вклучување на преговарачката маса и во мировните процеси. Ќе се осврнеме на влијанието на корупцијата врз жените и како таа го попречува искористувањето на нивниот целосен потенцијал во општеството и економијата. Ќе бидат презентирани начини како да се зголеми политичкото учество на жените и да се надминат пречките со коишто жените се соочуваат при пристапот до процесите во кои се носат одлуки. Истовремено, ќе дискутираме какви активности се потребни за справување со структурната дискриминација и родовото насилство, вклучително и онлајн вознемирувањето“, рече Османи во своето обраќање.

Османи истакна дека Конференцијата се надоврзува на иницијативата на МНР „Жените во надворешната политика“, која беше формирана во 2021 година со цел зајакнување на улогата на жените во дипломатијата. Оваа иницијатива прерасна во годишен настан и создавање на регионална мрежа на жени дипломатки во Југоисточна Европа, потенцираше Османи.

Конференцијата за родова еднаквост и јакнење на положбата на жените во Тетово ќе трае два дена, 5 и 6 септември.