22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Д-р Иванова од Онкологија со осуда за кражбата на лекови, но и со згрозеност од јавниот линч: Да се крене каменот е најлесно!?

По обелоденувањето на скандалозните состојби и криминалот во скопска Онкологија во написите на „Слободен печат“, како и во „Фокус“, на социјалните мрежи и во дел од медиумите се случува вистински јавен линч. Омразата никого не поштедува, а дезинформации и манипулации се креираат од минута во минута. Наспроти фактите дека институциите излегоа со информации за тоа дека се води интензивна истрага и се претресуваат службени простории и приватни домови.

Откритијата се шокантни и згрозувачки, но истрагата допрва треба да ги докаже сите наводи за криминал, а потоа и да ги изведе престапниците пред лицето на правдата. Високи претставници на владејачката СДСМ повеќепати повторија дека за кривичните дела во овој случај ќе одговараат сите, без исклучок. Сепак, овој случај, освен што оправдано ги потресе луѓето, беше и „одлична“ храна за пропагандните кујни на одредени политички партии. Тие ја искористија оваа сторија за да предизвикаат гнев и да приберат политички поени, а најмногу да им наштетат токму на институциите, како и на владата.

Една од бројните реакции што го привлекоа вниманието на дел од редакциите беше и објавата од спец. д-р Маја Иванова при Онкологија, која констатира дека „машинерија што може да те издигне или да те спушти е новинарството кое, за жал, неретко изнесува непроверени и неточни информации“.

Д-р Иванова, како вработена при Клиниката за Онкологија и Радиотерапија, најостро го осудува секој обид за кражба на скапи лекови, секое нестручно и несовесно однесување со пациентите, но изрази згрозеност од реакциите во јавноста, нагласувајќи притоа дека наводите сѐ уште не се проверени во целост.

„Како вработен доктор на клиниката за Онкологија и Радиотерапија, најостро го осудувам секој обид за кражба на скапи лекови, секое нестручно и несовесно однесување со пациентите во ова установа. Но исто така, згрозена сум и од реакциите на пошироката јавност во однос на коментирање на актуелната ситуација на УКРО, која сѐ уште не е проверена во целост“, напиша д-р Иванова.

Таа упати молба до сите новинарски редакции да престанат со генерализирање на медицинскиот персонал на УКРО. Таа тврди дека поголем дел од тој персонал стручно и посветено ја извршуваат својата дејност во установата.

Воедно, д-р Иванова упати молба и до јавноста и побара воздржување од несоодветни коментари полни со омраза и фрустрации насочени кон медицинскиот персонал.

„Довербата пациент-доктор е клучна за добар исход во процесот на лекување, а со општото ставање на сите лекари ‘во ист кош’ истата се нарушува на обострана сметка. Затоа прво, бидете сигурни, па коментирајте“, пишува д-р Иванова во своето обраќање.

Докторката од Онкологија сподели и тоа дека во клиниката каде што работи има голем број добро завршени приказни и изрази чудење зошто барем некоја од нив не се споделува.

„Има толку убави добро завршени приказни на онкологија, се чудам зошто барем некоја од нив не се сподели, да се увиди тежината на работата на медицинскиот персонал овде, или да се крене каменот е најлесно!?“ – напиша д-р Иванова.

извор Цивилмедиа.мк