Околу 40.000 граѓани во Македонија можеби живеат со дијабетес без поставена дијагноза, предупредуваат домашните ендокринолози во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот, кој се одбележува денеска, 14 ноември. Во земјава се евидентирани 141.891 лица со дијабетес, а здравствените експерти укажуваат дека вистинскиот број може да биде повисок поради недијагностицираните случаи.
Директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, Ирфан Ахмети, предупреди дека кај околу половина од пациентите со дијабетес тип 2, во моментот на откривање на болеста веќе се присутни компликации. Тоа покажува колку е значајно навременото откривање, особено кај лицата со зголемен ризик, прекумерна телесна тежина, семејна историја или недоволна физичка активност.
Здравствените власти повикуваат на подобра превенција, поздрава исхрана и редовни контроли на шеќерот во крвта. Раното откривање и соодветното лекување можат значително да го намалат ризикот од сериозни последици врз срцето, бубрезите, видот и другите органи.


