23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Спасовски промовира нов превентивен проект за младите: „Кажи ‘не’ на дрогата, ‘да’ на животот!“

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска, во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје го промовира новиот превентивен проект на Министерството за внатрешни работи за превенција од зависностите од дроги и психотропни супстанции кај младите со мотото: „Кажи ‘не’ на дрогата, ‘да’ на животот!“

Спасовски оствари работна средба со директорката на гимназијата, Силвана Кржовска, и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на која министерот потенцира дека за оваа проблематика е потребна континуирана и сериозна институционална активност на сите фактори што на еден или друг начин се инволвирани во развојот, образованието, воспитувањето и грижата за малолетничката популација.

„Односот што го градиме, како и посветеноста во превентивната работа со малолетната популација, со основците и средношколците, беа и се на самиот врв на приоритетите на МВР, вклучително и областа за која сме денеска овде во Гимназијата ‘Јосип Броз Тито, каде што го промовираме новиот превентивен проект за спречување на зависностите од дроги и психотропни супстанции кај младите“, истакна министерот Спасовски надополнувајќи дека полицијата, односно Министерството за внатрешни работи, веќе со години преку своите организациски единици од областа на превенцијата, а во соработка со другите стручни служби во доменот на недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции, е целосно ангажирана и отворена за соработка во квалитетната едукација и заштита на нашите деца од опасностите и пороците на зависностите од дроги.

Министерот Спасовски потенцира дека покрај работењето на превентивен план, се продолжува и интензивната борба за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.

„Нашата полиција во првото полугодие од 2023 година откри 372 кривични дела од областа на недозволена трговија со дроги и психотропни супстанции, при што кривично беа пријавени 440 сторители. Притоа во овие активности запленети беа 286 килограми марихуана, три килограми кокаин, седум килограми амфетамин, над 3.500 парчиња синтетичка дрога ‘екстази’, а дополнително беше разоткриена и лабораторија за производство на амфетамин, беа пресечени три транспортни канали за марихуана и сузбиени пет криминални наркотрафикантски групи. Македонската полиција беше дел и од меѓународната акција, која резултира со заплена на речиси 105 килограми кокаин во соседна Грција“, рече Спасовски.

Стратешката определба на македонската полиција е да биде реален и квалитетен сервис на граѓаните во согласност со концептот наречен community policing или познат и како „Полицијата во заедницата“, осмислен во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија.

Покрај репресивниот дел, МВР е посветено и на превенцијата од ова зло, на подрачјата на секторите за внатрешни работи во целата држава преку организациски единици за превенција во соработка со Македонскиот полициски синдикат, а се разбира и со училиштата и со претставниците на локалната самоуправа. За новиот превентивен проект „Кажи ‘не’ на дрогата, ‘да’ на животот!“ изработени се едукативно-информативни летоци и плакати наменети за младите, а полициските службеници преку директна комуникација со младите ќе работат интензивно во наредниот период.