18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+СТАВМАКЕДОНИЈА

Во „одбрана“ на нацијата: Пеколот на омразата и насилството

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Како ќе опишете еден националист? Повеќето националисти кои ги познава јавноста се прилично живописни карактери, во секоја смисла на зборот. Без оглед на тоа каде се наоѓаат – во политиката, академијата, невладиниот сектор, медиумите или некаде на друго место – нив ги одликуваат карактеристики што, дури и да не се националисти, тоа се матни ликови.

Дури и нивните ликови и опис на надворешниот изглед или изборот на гардероба и животни стилови често се карактеристични, но за тоа да не зборуваме, затоа што е многу лесно да бидеме погрешно сфатени.

Националистите тврдат дека го претставуваат „народот“, дека ја штитат „нацијата“.

Дефинициите на овие поими им се целосно збркани, а кога се впуштаат во нивно објаснување (на поимите), добивате чувство дека ве ставиле во некоја временска машина и ве вратиле најмалку 90 години порано, во времето кога реформираниот (деформираниот) социјалист кого подоцна го викаа Ил Дуче, почна да се качува по скалилата на моќта во Италија, а малку подоцна, неговиот многу помоќен сојузник, стана Фирерот на Германија. Понов историски пример во овој контекст е појавата на рускиот диктатор Путин.

Националистите непрестајно зборуваат за загрозеноста на нацијата од „другите“, занемарувајќи ги дефинициите за тоа што е нација во денешно време. Ако нешто занемаруваат повеќе, тоа е реалноста. А занемарување на реалноста во овие прашања, произведува радикални идеи што можат да водат кон повикување на истребување на цели нации (геноцид).

Зошто?

Па затоа што тие „другите“ сакаат да ѝ го одземат достоинството и духовното и материјалното богатство на тоа што националистите тврдат дека е нивно и само нивно.

Во оваа ера на пост-вистината, кога е тешко, а многу често е невозможно да се одвојат дезинформациите од информациите, и кога фактите, колку и да се веродостојни, се отфрлаат затоа што „некому“ не му се допаѓа вистината – задачата на националистите е едноставна.

Во свеста и вокабуларот на националистите основно е тврдењето дека тие –другите, поинаквите – колку и да се помалобројни, претставуваат смртна опасност за животот, безбедноста, благосостојбата, историското и секое друго „наследство“, честа и достоинството на нацијата.

Во градењето на наративите за „другите“, се употребуваат пораки дека тие се валкани, подли, зли и нечесни. И дека само сакаат да живеат врз грбот на кутрата нација, додека чесните и работливи патриоти се трудат чесно да заработат за леб. Затоа, повикуваат националистите, време е да им покажеме каде им е местото.

На националистите им е важно да се претстават и да бидат прифатени како патриоти, дека тие само го бранат тоа што е „наше“ и „свето“. Кој ќе им поверува и ќе реши да ги следи, стапнува во пеколот на омразата и насилството.

извор Цивил медиа