23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Герасимовски: Велосипедски патеки и резидентни паркинзи, заврши реконструкцијата на улица „Ленинова“

Зеленило, велосипедски патеки, паркинзи за станарите и нова урбана опрема, Општина Центар објави дека заврши реконструкцијата на улицата „Ленинова“. Градоначалникот на општината Горан Герасимовски по реконструкцијата која беше на барање на граѓаните и која траеше неколку месеци рече дека денеска улицата е со модерен и европски лик.

„Во изминатиот период на „Ленинова“ се работеше на поставување на атмосферска, водоводната и фекалната канализација, подземно се спушти кабловската мрежа и се отстранија старите дрвени бандери со што се ослободија тротоарите. На улицата се поставени паркинзи за велосипеди, се обележаа велосипедски патеки од двете страни на улицата, се оформија и паркинзи за резидентните станари. Улицата Ленинова“ е една од главните артерии во Општина Центар и мило ми е што по оваа реконструкција граѓаните кои живеат овде но и посетителите ќе имаат убаво уредена и современа улица. Со поставувањето на завршниот слој асфалт, новите канделабри и урбаната опрема улица „Ленинова“ го доби и финалниот лик налик европските улици“, вели градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.

Герасимовски истакнува и дека покрај новата урбана опрема на улицата е оформено и зеленилото со закројување на крошните од дрвјата кои го попречуваа видикот и ги оштетуваа фасадите на станбените згради.