Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера, на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, го отвори 62-то издание на „Струшките вечери на поезијата“. Таа во своето обраќање рече дека ехото на Миладиновци е присутно и денес и дека од година во година е сè погласно, посочувајќи дека нашата Струга е посебно место, каде на Мостовите на поезијата се сретнуваат и Истокот и Западот и место каде што сè уште боли „Т ́га за југ“.
– Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување – додаде министерката.
Министерката Костадиновска-Стојчевска кажа дека Струга во својот полн сјај сведочи за визијата на големите македонски автори, кои со децении ја збогатуваат нашата култура, а „Струшките вечери на поезијата“ не се само славење на зборовите, туку и поетско рандеву кое е потврда на душата на човештвото.
– Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот, за сè што е неизречено. Го има и изразот „вештачка интелигенција“, која можеби ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина – посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
За нејзиниот говор главна инспирација беа зборовите на лауреатот, годинашниот венценосец, академик Влада Урошевиќ, според кој „поетот не му е должен никому ништо, освен на јазикот на кој ги создава своите дела“, со кој се согласува и министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, посочувајќи дека човештвото не може да се замисли без поезија.