23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Тренчевска- Памер: Австрија е наш голем поддржувач во социјалните политики

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во земјава Мартин Памер.

Соговорниците зборуваа за прашања од социјалната сфера, вработувањето и пазарот на труд, детската заштита, семејното насилство и механизмите за заштита од насилство.

Тренчевска информираше за состојбата во државата, социјалните права и сервиси наменети за ранливите категории на граѓани, осврнувајќи се на социјалната реформа и придобивките од нејзиното воведување.

„Системот на социјална заштита е флексибилен, за да може да ги прими сите оние граѓани кои ќе станат социјално ранливи. Но, целта на социјалната реформа не е тие да останат во системот, туку да ги активираме на пазарот на труд. На активацијата на корисниците на Гарантирана минимална помош, засилено ќе работиме наредниот период заедно со Агенцијата за вработување, Центрите за социјална работа и со поддршка на европските партнери,“ истакна Тренчевска.

На средбата се разговараше и за недостигот на работна сила, како и за мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки, со кои на невработените лица им се помага преку различни обуки да станат поконкурентни на пазарот на труд, но и мерките за самовработување односно започнување на сопствен бизнис.

Се разговараше и за ромите како една од најранливите категории на граѓани и насоченоста на оваа Влада за целосна инклузија на сите етнички заедници во општеството да бидат активни чинители во сите сфери.

Тренчевска информираше и за состојбата со насилството во државата механизмите за заштита од насилство, носењето на Закон за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, воспоставувањето на шелтер центрите за жртвите од насилство, советувалиштата, мултисекторскиот пристап на институциите, при што ја истакна и важноста од подигањето на свеста за насилството и важноста од неговото пријавување.

На тема згрижување и згрижувачки семејства Тренчевска истакна дека добрите практики и искуства токму од Република Австрија се особено значајни за напредок во ова поле и во Република Северна Македонија.