„Тик-ток“ е најпреземаната (даунлодирана) и најчесто користената апликација досега, по неа следуваат „Инстаграм“, „Фејсбук“ и „Ватсап“.
„Тик-ток“ има над 1,6 милијарда корисници во над 160 земји, а преземен е над 220 милиони пати само во САД, покажува новата статистика ажурирана во август.
Бројот на корисници на глобално ниво, од кои 1,1 милијарда се месечни активни корисници од 2023 година, ја покажува популарноста на оваа платформа за споделување видео.
„Тик-ток“ го доби својот милијардити корисник во 2021 година, четири години по глобалното лансирање, половина од времето што им требаше на „Фејсбук“, „Јутјуб“ или „Истаграм“ и три години побргу од „Ватсап“.
Минатата година аналитичарите на data.ai ја ревидираа прогнозата дека „Тик-ток“ ќе достигне 1,5 милијарда месечни активни корисници откога нивната анализа откри дека оваа апликација ја надминала таа пресвртница за 100 милиони корисници во првите три месеци.
Платформата за споделување видео веќе ги надмина поголемите социјални мрежи, како „Инстаграм“ и „Фејсбук“, благодарение на својата забавна, креативна природа и сегментацијата кон помладата публика.
Според познавачите, доволно е некое време активно да ја користите оваа платформа и да размислите како се чувствувате по побарувањето низ неа.
Социјалните мрежи го менуваат начинот на кој размислуваат луѓето речиси две децении. Поради нив, светот на новинарството се промени засекогаш – медиумите веќе не може да одлучуваат што ќе мислат луѓето, иако тие сè уште, барем засега, имаат моќ да наметнат агенда, односно за што ќе размислуваат луѓето.
Луѓето повеќе не им веруваат на медиумите како пред да настанувањето на интернетот. За да креираат мислење или став за некоја тема, доволно е да ја инсталираат социјалната мрежа што најмногу им одговара и да најдат истомисленици или коментатори со кои може да се споредат.
Доколку се направи споредба меѓу „Фејсбук“, „Твитер“ или новата, најбргурастечка платформа во историјата – „Тредс“, овие се текстуални апликации, кои имаат премногу политика, а од политика боли желудникот.
Новите истражувања прават компарација меѓу двете најпопуларни мрежи: „Инстаграм“ и „Тик-ток“.
„Тик-ток“ почна во 2016 година. Платформата веднаш стана популарна во светот импресионирајќи ја т.н. генерација Z (активни креатори на содржини на социјалните медиуми). Оваа апликација, всушност, стана победник штом понуди куси видеосодржини, кои предизвикуваат зависност.
Она на што најмногу се гордее „Тик-ток“ – секој може да стане вирален за само неколку минути, а тоа најмногу го сака просечниот корисник на социјалните мрежи. Глобалната популарност може да се припише на природата на платформата – предизвикува зависност.
Алгоритмот препорачува персонализирана содржина врз основа на преференциите на корисниците создавајќи бесконечен прилив на интересни видеа за истражување. Разновидната содржина – комични скечеви, предизвици за танцување, рецепти за готвење, филмови – привлекува широка публика.
Алгоритмот и кусите видеа се причините поради кои корисниците остануваат подолго.
Анализата на американскиот истражувачки центар „Пју“ (Pew Research Center) покажа дека процентот на тинејџери кои рекле дека се на „Тик-ток“ речиси постојано е 50 % поголем од оние што го кажале истото тоа за „Инстаграм“.
За секого има по нешто и секој има можност преку ноќ да стане ѕвезда и да стекне голем број следачи. За разлика од „Инстаграм“, на корисниците на „Тик-ток“, за да станат популарни, не им треба добро тело, убаво лице, совршена гардероба, луксузни патувања или заднина во бојата на годишните времиња.
За популарност, веќе не е неопходно да се биде докажан „инфлуенсер“, доволно е само да се има смисла за хумор или заеднички интереси со други луѓе.
„Инстаграм“ за некои луѓе стана смислата на животот. Совршените фотографии на кои изгледаат совршено и се чини дека имаат совршен живот создадоа илузии и нереални очекувања. Вредноста се мереше со бројот на „лајкови“ и следачи. Во лето заднините се сини… сите одат на плажа и имаат добри тела во костими за капење. Во зима заднините се бели… сите знаат да скијаат и одат на зимски одмор. А во реалноста – речиси никој не изгледа како на „Инстаграм“.
Она што освои многумина кај „Тик-ток“ е поддршката што корисниците ја искажуваат едни кон други. Убавите „инфлуенсери“ покажуваат акни на лицето без филтри и ја опишуваат нивната борба со килограмите. Моделите откриваат како изгледаат кога не се нашминкани за модна писта.
Луѓето ги ценат хуморот, креативноста, автентичноста и поддршката. Луѓето ги ценат луѓето, а не некои совршени личности со совршен живот. Никој нема совршен живот, а „Тик-ток“ тоа секојдневно го покажува.