20 август 2023, Скопје – Jавните финансии се солидни, како резултат на подобрувањата кај фискалното управување во изминатите години. Владата работи на реформи за да се подобрат буџетските приходи и подобро да се таргетираат расходите, како и зголемување на учеството и реализацијата на капиталните во вкупните расходи. Низ годините фискалната дисциплина се подобрува, додека Владата има постигнато значаен напредок во областа на подготовка, спроведување и известување за буџетот. Ова се констатациите на Европската комисија во нацрт-извештајот од скринингот за првиот кластер – фундаменти, во делот на управувањето со јавните финансии и економските критериуми, тема на која министерот за финансии, Фатмир Бесими ја посвети својата последна колумна.
Во извештајот се наведува дека усвојувањето на Законот за буџети овозможува да се спроведат најважните реформи во буџетирањето, со што се зголемува фискалната одржливост (среднорочното буџетирање, единствениот информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, воведување фискален совет и фискални правила). На тие реформи им треба уште поголема брзина, a за да се постигне сеопфатната и амбициозна реформа вградена во новиот Закон за буџети, треба да се усвои акциски план и забрза воспоставувањето на новите институционални структури и навремено да се обезбеди соодветен кадар во клучните реформски единици во Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа.
„Програмата за реформи во јавните финансии или „СМАРТ јавни финансии“ е поставена така за да ги адресира сите предизвици утврдени преку дијагностиките на меѓународните организации (ПЕФА, ПИМА, ТАДАТ, СИГМА). Оваа стратегија вклучува реформи во јавната внатрешна финансиска контрола, јавните набавки, ревизијата и управувањето со јавни финансии, односно сите аспекти кои ги евалуира Европската унија“, пишува Бесими.
Една од најголемите реформи во јавните финансии е имплементацијата на единствениот информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, која ќе ја подобри ефикасноста, преку поврзување на фрагментираните системи во јавните финансии, ќе донесе поголема предвидливост и контрола во спроведувањето на буџетот, посочува понатаму министерот. „Функционалната и техничката документација за проектот се подготвени и обезбедени се средства за изведба, додека Министерството за финансии во соработка со Светската банка, е во финална фаза на подготовка на јавната набавка за развој и имплементација на ИФМИС“, пишува Бесими во колумната.
Сметководството и известувањето се силни страни на системот на управување со јавните финансии, додека транспарентноста на извршувањето на буџетот е зголемена преку платформата Отворени финансии и истата може да се унапреди, се наведува во извештајот. Од другите заклучоци, во сферата на надлежности на Министерството за финансии, ЕК оценува дека правната рамка кај јавните набавки има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ. Правната рамка за Јавна внатрешна финансиска контрола е оценета во најголем дел како соодветна, но, како што се наведува, потребно е усвојување на новиот закон, подготвен од страна на Министерството за финансии.
ЕК во нацрт-извештајот од скринингот посочува и дека за време на енергетската криза во 2022 година, фискалната и монетарната политика дале соодветен и добро координиран одговор, додека макроеконоската стабилност е одржана.
Севкупно, ЕК смета дека Северна Македонија е на добар пат во развојот на функционална пазарна економија, но и дека треба да се продолжи со реформите кои се усвоени при Економскиот и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција. Значен дел од потребните реформи се направени, но има уште реформи што треба да се направат во текот на преговорите, но и како членка на ЕУ во иднина. „„Патувањето е еднакво важно со дестинацијата“ – Пристапните преговори нѐ подготвуваат да ја стекнеме реформската кондиција која ни е потребна не само за влез во ЕУ, туку и потоа како членка на ЕУ”, посочува во својата колумна министерот за финансии, Бесими.