25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кои се трите главни поенти во интервјуто на ЦИВИЛ МЕДИА со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ?

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, е еден од клучните луѓе кои го туркаат процесот за интеграција во ЕУ. Тој, во обемно интервју за ЦИВИЛ МЕДИА, открива детали за процесот што се води, за извонредната шанса на земјата за брзо членство во ЕУ и за огромните придобивки од тоа членство за сите граѓанки и граѓани, за економијата, стабилноста и безбедноста. Во овој прилог се осврнуваме на три најважни поенти од ова обемно интервју.

1. Во трка со времето: Гласањето на уставните амандмани значи политичка стабилност и брзо членство во ЕУ

Според Маричиќ, уставните измени се гарант дека остануваме активни во преговорите со ЕУ и водат чекор поблиску до членство, вели Маричиќ. Според него, новата геополитичка реалност во Европа создаде услови за проширување на границите на ЕУ со нови држави, која наметнува ново темпо на напредување во евроинтеграциите. Според него, земјата не смее да ја пропушти оваа шанса.

„Гласањето на уставните амандмани значи политичка стабилност и брзо членство во ЕУ“, категоричен е вицепремиерот Маричиќ.

Тој цврсто стои на ставот дека уставните дополнувања ја прават реална приликата која ја имаме за членство во ЕУ.

Вицепремиерот Маричиќ предупредува дека нашата земја, всушност, е во трка со времето и поради политичките случувања во ЕУ, која следната година има избори кои ќе донесат нов состав на Европската комисија, на Европски парламент, нови лица, нови приоритети и политики.

„Оттука и потребата да се направи пакетот за проширување сега, бидејќи тоа ќе влијае и на политиката на идната Европска комисија“, вели Маричиќ.

2. Дезинформациите внесуваат поделби, недоверба и паника меѓу граѓаните, спротивставуваме со проактивност, отвореност и транспарентност

„Јасно е дека, поради геополитичката поставеност, ние сме држава која трпи странски влијанија на медиумската сцена, која има плодно тло за дезинформации и медиумски манипулации. Сведоци бевме на сите случувања поврзани со т.н. Француски предлог и дезинформациите кои и денес ги слушаме за Преговарачката рамка и евроинтеграцијата“, изјави Маричиќ за ЦИВИЛ МЕДИА.

Вицепремиерот за европски прашања потсети дека Северна Македонија стана членка на НАТО, ги започна преговорите со ЕУ, со заштитен македонски јазик и идентитет, има отворена можност да напредува брзо во процесот и да стане членка на ЕУ.

„Сега најмалку ни требаат лажни вести и дезинформации, кои имаат за цел да создадат атмосфера на страв и хаос, за постигнување геополитички и внатрешни политички цели“, вели Маричиќ.

3. Блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација и неизвесност, ја остава во чекалната на ЕУ

Блокадите од опозицијата на државата ѝ носат изолација, неизвесност и отвора простор за влијанија на трети страни, вели Маричиќ во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА. Тој е категоричен во тврдењето дека бегањето од носење државнички одлуки и неучествување во најважниот национален процес само го отежнува и забавува прогресот на државата и нè оддалечува од европската перспектива.

„Доколку не стане проактивна опозицијата и не даде поддршка за  уставните надополнувања исходот е јасен, тука застануваме и повторно заглавуваме во чекалната на ЕУ. А тоа не носи добро никому и не треба да биде ова цел на никој, поради било кои причини а најмалку политички“, вели Маричиќ.

Маричиќ за ЦИВИЛ МЕДИА: Уставните измени значат стабилност и брзо членство во ЕУ – не е време за популизам, туку за државнички одлуки кои нѐ движат напред