12.8 C
Скопје
16. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈА

Мултикултурализмот наспроти националистичките наративи

Една од најголемите опасности на концептот на мултикултурализмот, што оди во прилог на критиките кон него, е национализмот, пишува Биљана Јордановска во „Перцепции за мултикултурализмот во Северна Македонија на патот кон ЕУ“.

Каде е проблемот и како да се надмине?

Идеолошката рамка на национализмот сама по себе како дел од различностите и индивидуалните идентитети би влегла во рамките на интеркултуралзимот како признавање, доколку историски, на наша територија, таа идеологија би го анулирала етноцентризмот.

Но, колективната хистерија околу националистичките идеологии, мултиплицирани, толку колку што етникуми живеат на територија на Северна Македонија, систематски е градена паралелно со обидите таа да се надмине преку мултикултурализмот.

„Главен фактор за влошување на односите меѓу заедниците се политичките партии, организации и групи. Тие го одбираат поттикнувањето на национализмот и насилството, бидејќи е најевтиниот, најефикасниот и воедно најдеструктивниот начин да се дојде до гласови, популарност и мандати. Поларизација, ширење страв и ветување дека тие ќе ги спасат луѓето од другите, различните…“, вели Џабир Дерала на конференцијата на ЦИВИЛ за односите меѓу заедниците.

Но, таа деструктивност, како што вели Дерала, мора да навлезе во сите пори на општеството, а за тоа на овие структури им е потребна помош.

„Се разбира, тоа би било невозможно без „експертската“ помош од интелектуалците, образовните институции и дел од граѓанското општество, а да не заборавиме и на тивкиот длабоко зачмаен, политизиран/партизиран и, најмногу од сè, конзервативен и неедуциран клиент – администрацијата. Воено-разузнавачките, политичките и финансиските структури во антидемократските земји, во директна или индиректна спрега со домашните „трагачи по богатство“, учествуваат во фрагментацијата и поларизацијата на општеството, а потоа и во деструкцијата на институциите, безбедноста и стабилноста на државата. Сето тоа е овозможено преку агресивна експлоатација на најмоќното оружје без барутно полнење – медиумите“, додава Дерала.

Ваквото илустрирање на фактичката состојба со која се соочува мултикултурализмот иинтеркултурализмот, ја става државата во шах-мат позиција како институција. Зошто? Затоа што е саботирана од пионите во сопствените редови.

Па така, недоволната оценка на ЕУ, треба институционално да се надмине, според зборовите на Пендаровски, а во општеството, според Шкријељ треба да се адресираат позитивните придобивки, оние што не држат заедно.

Но, исто така, сите тие треба да се соочат со внатрешните демони, за кои зборува Дерала.

Заклучок

Мултиклутурализмот и интеркултурализмот не се македонски синдром, напротив, во глобални рамки светот помалку или повеќе се соочува со проблемот на градење заедничка иднина во кругот на различните општествени и политички наративи. Сепак, Северна Македонија со трасираниот европски пат треба и ќе треба постојано да работи и инвестира во придобивките од мултикултурализмот и интеркултурализмот. И тоа не е само државна, туку и лична одговорност на секој граѓанин.