23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Од сите 120 пратеници зависи дали храбро ќе поддржат одлуки кои се тешки

Од сите 120 пратеници во законодавниот дом зависи дали храбро ќе поддржат одлуки кои се тешки, но нужни за напредок, или ќе ги отфрлат можностите за подобар живот за сите наши граѓани.

Денеска започнува 123. седница на Собранието на Република Македонија, на која одлучуваме за иднината на државата и безмалку во шекспировски стил треба да даде одговор на дилемата – дали ќе продолжиме заедно како проевропски фронт или ќе се вратиме назад кон поделби и изолација.

Од сите 120 пратеници во законодавниот дом зависи дали храбро ќе поддржат одлуки кои се тешки, но нужни за напредок, или ќе ги отфрлат можностите за подобар живот за сите наши граѓани. Македонскиот јазик, македонската култура, македонскиот идентитет се потврдени и вечно запишани во документите на организациите во кои членуваме, како Обединетите Нации и НАТО, а токму со отворањето на преговорите со ЕУ го потврдивме тој факт и преку актите потпишани со Брисел, како што беше случајот со Фронтекс.

Од друга страна, внесувањето на бугарскиот народ во Уставот значи диференцирање на македонскиот народ и бугарскиот народ, што според мене претставува додадена вредност за нас. Па, од тоа нема посилен показател дека сме два различни народа. Вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот е обврска преземена со Европската преговарачка рамка, а со додавањето и на другите малцински групи кои живеат во земјата, само го зголемуваме демократскиот капацитет на државата во пресрет на членството во ЕУ.

Тоа значи дека покрај македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот и бошњачкиот народ, ги додаваме бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и еѓипќанскиот народ, како народи кои ја градат оваа наша држава. Ние сме граѓанско општество, еднакво за сите и се грижиме за правата на сите заедници кои живеат тука.

Тоа е врвна, високофункционална, мултиетничка демократија, која не само во регионот, туку и во Европа претставува пример за почитување на граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало.

Ние веќе му покажавме на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес, како и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност. Затоа, ги повикувам сите политички субјекти во Собранието заеднички и на достоинствен начин да го зачуваме ова културно богатство како јавно добро, да не ја отфрламе европската перспектива, затоа што граѓаните посакуваат европски стандарди на живот, кои ќе ги постигнеме исклучиво во процесот на преговори и како полноправна членка на Европската Унија. Нашите млади сакаат да живеат европски дома!

Во тоа име ќе сториме сѐ што значи постигнување на европскиот стандард – врвна безбедност, праведно судство, напредна економија, социјална еднаквост и севкупен општествен просперитет, напиша Оливер Спасовски.