12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Северна Македонија нема пат кон назад“, пишува „Бгнес“

Пред почетокот на 123. седница на Собранието, на која единствена точка на дневен ред е предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија, бугарската новинска агенција „Бгнес“ објави анализа за патот на РС Македонија кон ЕУ.

Во текстот се посочува дека Македонија е на прагот на еден од најважните настани во модерната историја на државата, да ја почне својата интеграција во ЕУ или, како што пишува „Бгнес“, да остане во изолација. Тие заклучуваат дека „Северна Македонија нема пат кон назад“ во смисла на тоа дека или ќе почне преговори со ЕУ или ќе биде изолирана.

Пренесуваме дел од анализата:

„Дали е можно донесувањето измени во Устав да стане процес што трае повеќе од една генерација?

Македонија е на прагот на еден од најважните настани во нејзината модерна историја – заедно со Албанија да ја почне својата интеграција во Европската Унија, и генерацијата ново одложување и потрага по непостојни непријатели, каде што ги нема, во најмала рака е штетна за самата млада Република Северна Македонија.

Македонија измина долг пат кон ЕУ. Почна со деценискиот спор со Грција за името Македонија.

Вистинскиот пробив и отстранувањето на меѓународната изолација се случи благодарение на договорот за пријателство и добрососедство, кој го потпишаа Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година. Ефектот од тоа беше впечатлив.

Грција беше првата што ја сфати длабоката промена. На брегот на Преспанското Езеро, на 17 јули 2018 година, Зоран Заев и Алексис Ципрас потпишаа договор за промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија. Тогаш грчкиот премиер Алексис Ципрас рече: „Денес, во Преспа почнуваме да пишуваме нова среќна песна. Договорот е патриотски!“ и ги повика граѓаните на двете земји да го прифатат без предрасуди.

Со активната улога на Софија, РСМ многу бргу стана членка на НАТО. Ова членство, очигледно на странските сили, се сметало за доволно да предизвика властите во Скопје да почнат со саботирање на спроведувањето на договорот со Бугарија.

Следните недели се одлучувачки за иднината на РСМ, што може да се покаже како вистинска пресвртница за Република Северна Македонија, која со крената глава ќе излезе од процесот и заедно со Албанија ќе ги отвори преговорите за приклучување кон европското семејство или, за странски геополитички интереси, да остане во изолација.

18 август 2023 година ќе биде историски датум за Република Северна Македонија, кој ќе означи исклучително важен момент за земјата. На 18.8.2023 година – предлогот со уставни измени, кој е услов за отворање на преговорите со ЕУ, влегува во македонскиот парламент.

Како што изјави премиерот на РСМ, Димитар Ковачевски: „Ако досега ветото на Северна Македонија за евро-атлантските интеграции доаѓаше однадвор, денес првпат ветото може да дојде однатре. Од политичките партии, кои наводно велат дека се за интеграција, но историски докажале дека се против“.

Но, овој пат нема време за политиканство и политички шегобијки бидејќи до втората меѓувладина конференција на ЕУ има неполни 2 месеца. Ќе се решава дали Македонија ќе влезе во преговори заедно со Албанија или не!

За да се случи тоа на 18 август, Собранието на РСМ најпрво треба да го изгласа дневниот ред со една точка – „Предлог да се пристапи кон измена на Уставот на Република Северна Македонија“, за што се потребни 61 глас.

Потоа почнува дискусијата за предлогот. Како што е наведено во член 196 став 1 од Деловникот, предлогот да се пристапи кон измена на Уставот ќе се расправа на седница на Собранието, која може да трае најмногу десет работни дена.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот кога се наведува бројот на народи во државата.

Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, босанскиот народ и други“ се става запирка по зборот босански народ и се додаваат: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египетскиот народ“.

Ако Бугарите не бидат прифатени во Уставот, Македонија отпаѓа и преговорите ќе се отворат само со Албанија.

„Бгнес“ потсетува дека во време кога сите заборавија на тоа, Бугарија ја стави интеграцијата на Западен Балкан во фокусот на своето претседавање со ЕУ – тоа беше поддршка од наша страна за влез на РСМ во ЕУ.

Исто така, соодветно е накратко да се потсетиме на некои значајни настани кои ја одредуваат важноста на тоа што ќе одлучи Северна Македонија на 18 август.

Спор на Бугарија со РСМ

Што заклучува? Прво, нефер пристапот на РСМ кон Бугарија, иако Бугарија беше првата земја што ја призна независноста на Македонија. Благодарение на Софија, Македонија беше призната од клучните земји во светот, како Турција, Русија и САД. Бугарија ја спаси Македонија за време на грчкото ембарго. Властите во Софија ги поништија плановите на српскиот диктатор Милошевиќ за нејзина поделба.

Француски предлог

Кога беше усвоен францускиот предлог, многу спорови меѓу партиите во Република Северна Македонија излегоа не само од контрола, туку и од општоприфатениот добар тон во меѓудржавните и меѓуинституционалните односи. Покрај споровите, националистичката хистерија во РСМ доведе до тоа претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, да се нарече „кучка“, а францускиот претседател Емануел Макрон – „фашист“.

Вклучувањето на Бугарите во Уставот е најважниот дел од преговарачката рамка, а тоа не треба да го заборават партиите и парламентот во РСМ.

Од РСМ постојано тврдат дека се загрозени нивниот национален идентитет и јазик. Интересно – од што, имајќи предвид дека додавањето на делови од народи во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот ги опфаќа, покрај „бугарскиот народ“ и „хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народот и египетскиот народ“?

Недостиг на комуникација

Зошто властите во РСМ не бараа разбирање со пратениците за да ги добијат потребните гласови за уставните измени, туку се фокусираа на спорот со ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер отворено ги брани не националните, туку странските интереси?

Елегија за Македонија

До кога Македонија ќе покажува слабост кон таканаречената „длабока држава“, до кога ќе се блокира и до кога ќе бара изговори и ќе се правда дека нејзиниот идентитет и јазик се загрозени наместо да ги прифаќа европските и ЕУ-вредностите? До кога ќе биде слепа пред фактот дека во лицето на Бугарија отсекогаш имала пријател и поддржувач, а не непријател? Сето тоа зависи исклучиво од волјата и храброста на локалните политичари.