23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Нови 12 проекти за социјални услуги на локално ниво ќе се спроведуваат во 17 општини

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска истакна дека продолжува проектот за подобрување на социјалните услуги на локално ниво, кој е проект на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Светска банка.

-Во рамките на првиот повик за доделување грантови за развој на социјалните услуги на локално ниво, 22 проекта во 27 општини добија финансиска поддршка преку овој проект. Најголемиот дел од нив или 16 се за помош на нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект е наменет за помош на стари лица во дневен центар и рехабилитација и регенерација на лица со попреченост во локалната средина со услуги за советување. Преку овие услуги опфатни се повеќе од 500 корисници, а дополнителна придобивка е што лицата кои се ангажирани за реализација на овие проекти се од социјално ранливи категории, кои претходно поминаа стручни обуки, вели Тренчевска во интервју за рацин.мк.

Според неа, со цел опфат на што поголем број општини и лица за кои социјалните услуги значат подобрување на квалитетот на нивниот живот, Министерството одлучило да објави нов, втор јавен повик за локалните заедници кои досега не се пријавиле.

-Нови 12 проекти кои ќе се спроведуваат во 17 општини беа избрани по вториот јавен повик за спроведување на социјални услуги. Вложуваме средства и во изградба и опремување на домови за стари лица, како што е последната инвестиција во Домот за стари лица д-р Иван Влашки, во Берово, каде што Министерството неколку пати досега инвестираше во проширување на капацитетите и опремување на истиот, а во фаза на изработка на основен проект се домови за стари лица во Крива Паланка и Пробиштип. Продолжуваме да креираме мерки и политики кои ќе бидат наменети за пензионерите и кои ќе значат помош и поддршка и во наредниот период, кажа Тренчевска.