Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се обрати на четвртиот конгрес на Македонската алијанса за европска интеграција, во Корча Албанија, а на покана од претседателот Васил Стерјовски.
Спасовски се заблагодари до Македонската алијанса за европска интеграција, за поканата и за можноста овде во Корча, Република Албанија да се обратам, што како што рече за него претставува голема чест и задоволство.
“Посебна гордост за сите нас е што токму овој конгрес, четврти по ред, е показател дека Македонската алијанса за европска интеграција, создадена во 2004 година во Тирана, како прва и единствена македонска партија во Албанија што ќе се грижи за положбата и правата на сите Македонци во оваа држава, без разлика на вера, култура и социоекономски статус, создава традиција на активно политичко делување, притоа ширејќи го духот на пријателството и зближувањето помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.
Уште повеќе што Македонската алијанса за европска интеграција се изродила како производ на соработката на претставниците на бројни македонските здруженија кои активно работат во Албанија, како што се Заедницата на Македонците во Албанија, Политичкото друштво МИР од Тирана, Друштвото Преспа од Пустец, Македонско-Егејското друштво МЕД од Врбник и Друштвото Гора од Кукс, при што е востановена и основната цел на оваа партија, а тоа е зачувување на правата, социјалните, политичките и етнокултурните интереси на сите државјани на Албанија кои по националност се Македонци, кои се идентификуваат преку мајчиниот македонски јазик, преку обичаите и традициите наследени и зачувани со векови”, рече Спасовски.
Спасовски рече дека големо е значењето на Македонската алијанса за европска интеграција имајќи предвид дека таа ја негува и соработката меѓу заедниците кои живеат во Република Албанија, преку почитување на нивните етнички, јазични и културни права, паралелно грижејќи се за зачувување на најбитните белези на Македонците во Албанија, а тоа без сомнение се националната припадност, културата, обичаите, традицијата, јазикот, фолклорот и др.
„На тој начин, вие активно придонесувате за континуирано подигање на свесноста за посебниот македонски идентитет – позиција изградена низ децениите заеднички соживот, добрососедство исполнето со лојалност, меѓусебна почит, добронамерност, солидарност и уважување, како реален респектабилен доказ како треба да се гради и развива граѓанското општество”, рече Спасовски, додавајќи дека ја имаат неговата поддршка.
„Оттука и нашата безрезервна поддршка кон сите вас, затоа што континуирано придонесувате во негувањето на таа шареноликост, а што е уште поважно – во градењето на заедништвото кое влечејќи корени од минатото, сѐ појасно ја зацртува нашата заедничка европска иднина. Ние остануваме и понатаму отворени за што поактивна соработка со вас, изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочувате, користејќи ги сите расположливи механизми, како што се нашите средби за време на моите посети на Албанија, заедничките седници на Владите на Република Северна Македонија и Република Албанија, кои претставуваат можност за иницирање на решенија за проблемите на македонската заедница во Албанија, но и придобивките кои ќе ги овозможи Отворен Балкан со понатамошна реализација на предвидените активности” истакна Спасовски, посакувајќи успешна работа и плодна реализација на зацртаните политички активности.