24.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Долно Дупени е под закана на мечка која слободно шета по селските сокаци

Жителите на преспанското село Долно Дупени се во опасност од присуството на мечки кои веќе трет ден упаѓаат во селото.

-Три дена се бркам со мечката која се намерачила на мојот мед. Првата вечер успеав да ја избркам со камања. Втората пуштав гласно радио кај сандаците со мед но вчера вечер сепак успеа да ми искрши дваесетина сандаци- вели еден жител на селото Долно Дупени.

Присуството на мечката ги вознемири и другите жители на ова село.

-Јас ја видов на патот пред мојата куќа. Таа не се плаши од ништо и не знам што ќе се прави- вели друг жител на ова преспанско село на самата гранична линија со Грција.

Вознемирени од постојаното присутво на мечката жителите на Долно Дупени и се обратија на полцијата. Вчера вечер полицајците и самите можеа да се уверат дека таа слободно се шета по селските сокаци. Во обид да ја избркаат вклучија ротациски светла но таа не покажа дека е исплашена.

-Таа ја забележа полциската кола но мирно замина по асфалтниот пат и воопшто не се ни обиде да се сокрие- вели жител на Долно Дупени.

Полицијата ги предупреди жителите на Долно Дупени да бидат внимателни и да се движат само на места во кои има поголема фрекфенција на луѓе во селото.

Месната заедница на селото не е во можност да организра хајка за да ја застрела мечката со оглед на нивната законска заштита. Како што велат, очекуваат да им помогне полцијата за да се справат со оваа закана по нивните животи и имања.Според законот ловот на мечки е трајно забранет, а мечките се заштитени со закон, па штетата што ќе ја причини дивечот ја надоместува Република Северна Македонија.
Основниот суд во Битола донел 700 пресуди во последните 10 години со кои државата се задолжува да плати илјадници евра за штети направени од мечки. Според судската база на пресуди Битола е рекордер по бројот на тужби и донесени одлуки со кои државата треба да плати отштета за штетите што ги прават мечките, затоа што се се дивеч заштитен со закон.

извор:Novatv.mk