„Во следните недели кога е првото гласање јасно ќе стане кој мисли за себе, а кој мисли и за своите деца и за граѓаните што ги претставува. Секој сам треба да одлучи дали ќе даде глас за Европа, глас за интеграција, или ќе го задуши гласот на совеста во себе и ќе одлучи да ја однесе земјата во изолација, по нечиј налог донесен од личен интерес или интерес на други страни“ рече премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање пред Комисијата за уставни прашања во Собранието.
Тој додаде дека верува дека овој парламентарен состав има демократски капацитет за автентични демократски одлуки што ќе ја постават Северна Македонија цврсто на европскиот пат и ќе ги осигураат европските перспективи.
„Затоа, најважниот политички избор ќе го направи овој парламентарен состав, по што – или сите ќе бидеме победници, или сите ќе бидеме губитници, без разлика на изборниот резултат на следните парламентарни избори напролет“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека не е во Собранието за да убедува, туку да ги посочи значењето на стратешката шанса што е пред Северна Македонија и да повика на разум во име на перспективите.
„Добро е што има присуство на пратеници од сите политички партии денеска тука. Низ една квалитетна и плодна парламентарна дебата, доколку има политичка волја, може да се разјаснат сите аргументи и да ги изненадиме граѓаните со натпартиска одлука, како што доликува на сериозни политичари, кои мислат на иднината и дејствуваат за неа денес“ рече Ковачевски.