Судијата од управниот суд, Мустафа Шахини, е осуден на пет години затвор. Кривичниот суд, по четири години судење, ја изрече пресудата.
„Според сите изведени материјални и вербални докази на Обвинителството и одбраната, а имајќи ги предвид сите олеснителни и отежителни околности, судот донесе пресуда со која обвинетиот М. Ш. го огласи за виновен за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 5 в.в. со ст. 3 и в.в. со ст. 1 од КЗ и го осуди на казна затвор во траење од 5 години. Против оваа пресуда странките имаат право на жалба до Апeлациониот суд Скопје“, објави Кривичниот суд.
Судијата Шахини беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Осомниченото лице, претходно како адвокат, презел дејства и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот бил избран за судија на Управниот суд. Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја зел во работа. Злоупотребувајќи ги својата положба и овластувањето, иако знаел дека како поранешен застапник – адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот суд. Постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува и притоа оневозможил Државното правобранителство на РСМ како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на РСМ“, соопшти Обвинителството во 2019 година кога го поднесе обвинението.
Тие тврдеа дека судијата свесно и со намера сакал да оневозможи заштита на имотните права и интереси.
„Со ваквите дејства на барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижностите во Агенцијата за катастар на недвижностите противправно да стекнат имотна корист – површина од 1.958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713,00 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700,00 денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413,00 денари на штета на имотот и интересите на РС Македонија“, стоеше и во обвинението.