16.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+ЛОКАЛНО

Герасимовски: Инспекциската служба на Центар ги лови сите неправилности

Секторот за инспекциски работи при Општина Центар бележи зголемен обем на работа и зголемен број донесени записници, акти и барања за поведување прекршочни постапки во согласност со програмата за работа. Според шестмесечната анализа на Секторот, во периодот од 1.1.2023 до 30.6.2023 година биле донесени 235 записници, во кои спаѓаат редовните, вонредните и контролните надзори од страна на инспекторите наспроти истиот период минатата година кога тој број изнесувал 95 записници, што значи дека за шест месеци Општина Центар има донесено 140 записници повеќе, информираат од Општината.

Градоначалникот на општината, Горан Герасимовски, најави дека ќе продолжи спроведувањето на зачестените инспекциски контроли со цел почитување на законите и решавање на проблемите на граѓаните.

„Ветив чести инспекциски контроли во сите сегменти на локалната самоуправа за што сведочат и овие бројки од шестмесечниот извештај од Секторот за инспекциски работи. Колегите на терен ја евидентираа секоја неправилност, која треба да се исправи од страна на прекршителите и тоа мора да важи за сите. Граѓаните заслужуваат правда и хумано живеење. Прекршувањето на законите важи за сите нас, затоа во Општина Центар ќе настојувам тоа да се применува“, смета Герасимовски.

Според изготвениот извештај од Секторот за инспекциски работи, во работата на комуналните редари изречени се 122 прекршочни платни налози наспроти нула изречени прекршочни платни налози за минатата година. Исто така, од страна на инспекторите поднесени се и 69 барањата за поведување прекршочни постапки наспроти нула поведени прекршочни постапки за истиот период минатата година. Има зголемување и во однос на донесени решенија од страна на инспекторите 81 наспроти 57 минатата година.

Во рамките на Секторот за инспекциски работи ангажирани се 1 комунален инспектор и 3 комунални редари, 1 градежен инспектор, 1 инспектор за домување и 1 инспектор за животна средина. Со овие ресурси и доброто менаџирање Секторот покажува високи резултати при евидентирање на неправилностите и постапување по нив.

Општина Центар известува дека засилените надзори и контроли ќе продолжат и во следниот период со цел граѓаните да внимаваат на пропишаните правила и законски одредби.

„Секој оној што нема да ги почитува и ќе направи какви било отстапки ќе биде санкциониран“, дециден е Герасимовски.