Овој петок, 21-ви јули, во рамки на проектот „Џез во Центарот“ во кафе книжарница „Буква“ со концерт во живо ќе настапат реномираните домашни автори и изведувачи, бендот КАНТОН6 и Глигор Кондовски, музичари кои соработуваат и издаваат за дискографската куќа ПМГ Рекордингс/ПМГ Џез.
„Џез во Центарот“ е насочен кон музичко оплеменување на градските-центарски катчиња, оние места кои секојдневно ги одминуваме брзајќи некаде. Прекрасни скопски исечоци, полни со вибрантен дух и скриена убавина, вредна за внимание. Ова лето, во соработка со Општина Центар, музички го мапираме јадрото на урбаниот градски центар, простор совршен за пријатни средби, летни дискусии и секако уживање во музика. Простор блокиран од напуштени кина, недовршени цркви и амбициозни паркинзи. Простор кој има потенцијал за развој. Кафе книжарницата „Буква“ се наоѓа токму таму, зад Кино Култура, црквата Св. Константин и Елена, паркингот на собрание и поранешниот Дом на АРМ. Простор со автентична атмосфера, свратилиште на бројни уметници, студенти, креативци и граѓани заинтересирани за различни културни содржини.
Токму во овој простор со концертите на КАНТОН6 и Глигор Кондовски, проектот „Џез во Центарот“ ја доближува до граѓаните квалитетната џез, етно и современа музика од домашни музичари.
Проектот се реализира од здружението за развој на музичка култура ПМГ Рекордингс 2.0, со поддршка на Општина Центар.
Кантон6 е пионерски музички проект кој датира од 2000-та, предвесник на инди-техно-рок кросоверот во земјава, развиен од Мирко Попов и Синиша Евтимов. Со бројни сингл и ЕП изданија, и 4 студиски албуми во овој состав, Кантон6 се трансформира во вистинска лајв – електро атракција. Од 2019 година Кантон6 активно работи како Трио во соработка со џез музичарот Владан Дробицки. Со впечатлив настап во живо, Кантон 6 како електро-џез-етно состав создаваат современа музика инспирирана од автохтониот македонски ритам. Истата година соработуваат со Гербрудер Теихман од Берлин со кои издаваат албум во живо “Interactive Music Lab (Skopje Session)”. Во 2021 година го издаваат нивниот последен студиски албум #Jazzus. Кантон6 имаат активна концертна активност во земјата и надвор со настапи на Катовице ЏезАрт Фестивал (Полска), фестивалот Диес (Le festival DIÈSE) во Дижон (Франција), Интернационален ЏезФест во Крагуевац (Србија), Карусел фестивалот за амбиентална и етно музика во Чачак (Србија), Зеленковац Џез Фест (Босна и Херцеговина), Прилепски Џез Фестивал, ПМГ Рекордингс Фестивал, ДирмОн Фестивал во Струга, Аларма Панк Џез фестивалот во Софија (Бугарија), Здраво Млади во Скопје и др.
Глигор Кондовски
Глигор Кондовски е дипломиран виолинист и магистер по филмско и ТВ сценарио кој денес работи како професор по виолина. Покрај успешната педагошка работа, во портфолиото на Кондовски се запишани шест албуми со амбиентална џез музика и бројни претставувања во земјата и регионот со музички композиции, кратки и документарни филмови. Зад себе има три музички изданија (албуми) за ПМГ Џез, еден соло и два во соработка со колегите автори и изведувачи Владан Дробицки, Марија Каева и Дени Омерагиќ. Покрај музичкото творештво Кондовски има реализирано и три самостојни изложби
Редакција Трн