24.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Frontline.mk
+СТАВМАКЕДОНИЈА

Да беше Груевски на власт, рудникот Иловица веќе ќе работеше

Пишува: ЉУБИША НИКОЛОВСКИ

Дали на мала земја како Македонија ѝ требаат рудници е навистина прашање на стратегиска одлука на секоја Влада, но и на стручната јавност, како и на интересот на локалното население. Можеби во тој поглед за носење конечна одлука е потребен референдум, на кој локалното население, без притисок, ќе се изјасни дали е за или против, дотолку повеќе што проектот за рудник Иловица-Штука во струмичко премногу долго е под силно политичко влијание.

Но треба да се има предвид дека да победеше Никола Груевски на изборите 2016 и да формираше Влада, рудникот Иловица досега ќе почнеше да работи. Секако, соодветно на тогаш воспоставената пракса, ќе имаше лопати и сечења на ленти, говори и самофалби, но протести, сигурно немаше да има. Напротив, ќе имаше многу насобран народ кој ќе аплаудираше и ќе даваше изјави во стилот „благодарни сме на Владата и премиерот што ни овозможи работни места и високи плати…“.

Од Ангел Наков, самонаречениот лидер на отпорот против т.н. „рудници на смртта“, ќе немаше ни трага ни глас, а невладините „Здрава котлина“, „Еко котлина“, „Спас за нас“ и другите „котлини“, пепел ќе се стореа.

Но сите тие се појавија како печурки по дождот веднаш штом Груевски „си замина“.

Лицемерни се сега струмичани, новоселци и други локалци, кога со сите сили, „сега-освестени“, се бунат против отворањето на нови рудници во Македонија, а до пред неколку години му ракоплескаа и го гушкаа тогаш омилениот премиер Груевски, кога јасно и гласно пред нив им кажа дека рудници во Македонија ќе има.

За волја на вистината, на почетокот на мандатот, новата Влада на Зоран Заев се најде во ситуација да мора да бира, да го раскине договорот со Еуромакс ресурсис и да плаќа високи пенали, или пак да го подржи отворањето на рудникот и да се соочи со реакциите на локалното население.

Во неколку наврати беа одржани информативни стручни дебати за позитивните и негативните ефекти од отворањето на Иловица-Штука и тука работата се закочи.

Силен отпор за геолошки истражувања пружи партијата ДОМ на Лилјана Поповска која во меѓувреме стана коалициски партнер на новата влада предводена од СДСМ, иако во времето на коалицирање со Груевски со прст не мрдна да ја спречи експанзијата на ова поле што тој ја најавуваше. Тогаш и се донесе новиот закон за минерални суровини со кој според многумина се уназади процесот на геолошки испитувања на земјиштето во Македонија.

Во тој меѓу простор, се засили притисокот од невладиниот сектор, но и од поединци кои геолошките истражувања ги сметаа еднакви со доделување концесија за ископ на руда и за кој поранешниот премиер Никола Груевски во фејсбук статус вели дека „разни, добро платени НВО, најчесто скриено од конкурентите на инвеститорот, го сензибилизираат и со платена кампања го преплашуваат населението, со цел да се спречат инвестиции на конкурентни компании“, а за лецето Ангел Наков вели „наводно издадените концесии за рудници на планината Кожув му се изговор пред јавноста за пропаднатиот бизнис на ски центарот Кожуф“.

Груевски не крие дека и сега се залага за отворање на рудници, но смета дека поради антикампањите „не може да се отвори ниту еден нов рудник, додека старите, отворени рудници не му пречат никому“.

Можеби Груевски е во право, но вината сега нека не ја бара во оваа Влада, туку нека ја бара во новото раководство на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, кое отворено се залага за одземање на концесијата за експлоатација на Еуромакс.

извор Frontline.mk

Спонзорирано: