24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Ангелова: Град Скопје е во целосна нефункционалност и наместо реализација на проекти, секојдневно гледаме скандали

Град Скопје е во целосна нефункционалност и наместо реализација на оние проекти што беа ветени во програмата, ние гледаме секојдневно скандали и нови ескалации во Градот и во сите јавни претпријатија, истакна советничката во Град Скопје, Емилија Ангелова, на денешната трибина организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Предизвиците на главниот град и локалната самоуправа како сервис на граѓаните“.

„Имавме многу голем штрајк во ЈСП, граѓаните не можеа да стигнат на своите работни места поради тоа што беше целосно блокиран јавниот превоз и овде, освен празни флоскули и обвинувања, како што умее да направи градоначалничката, не видовме никаква реализација на ветените барања од превозниците. Градот беше целосно блокиран, граѓаните останаа без јавниот превоз и можеме да кажеме дека навистина се одрази на нивното секојдневно живеење и егзистирање во градот. Имавме протест на спортските клубови во Ѓорче Петров, со години користени спортски сали, нешто за кое во програмата рековме дека ќе се обврзе градоначалничката да се развива спортскиот дух на младите и на децата, но за момент беше сето тоа заборавено, стопирано, штрајкуваа спортските клубови затоа што им беа одземени салите за кои прописно си плаќаа надомест и воопшто немаа никаква вина за одземањето на салите. Веројатно беше тоа само хир и каприц на градоначалничката, како и секојдневно што тоа го гледаме“, потенцира Ангелова.

Таа додаде дека ситуацијата кулминира и во „Комунална хигиена“, каде што доколку не беа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои веднаш се организираа за собирање на сметот, последиците можеа да бидат многу поголеми.

„Кулминира протестот со ‘Комунална хигиена’ и да не беа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, сметам дека навистина ќе се предизвикаше голем здравствен проблем. Веднаш се одѕваа и во интерес на граѓаните и впрочем во интерес на оние што ги изгласаа, за што и постојат градоначалниците, излегоа на терен, го собраа сметот со помош на механизација и човечки ресурси од други општини. Сè до оној момент додека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не излегоа со конкретни решенија за решавање на проблемот со сметот, не беше повикан кризниот штаб и мислам дека ќе се продлабочуваше уште повеќе проблемот, меѓутоа откако сето тоа се случи, благодарение на нашите градоначалници, почна да се движи 1 %, не повеќе од тоа. Иако гледаме во медиуми објавува некоја победа, не знаеме врз што е победата, заради тоа што граѓаните нè избраа неа и нас како легитимни советници за да работиме во нивен интерес и тука нема остварување победи, туку има реализација на проекти во интерес на граѓаните“, рече Ангелова и додаде дека смета оти голема нефункционалност постои во однос и на оној момент што во една и пол година 32 директори да бидат променети, тоа значи дека или недоволно менаџирање со човечки ресурси, недоволно добро избирање директори, кои не знаат да си ги извршат своите работни задачи“.