18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став и визија кои мислат само на фотелја

„Не смееме да дозволиме да загубиме време, а на крајот да добиеме полошо решение. Не смееме да дозволиме младите да бидат жртва на политичари без став, без визија, кои освен својата фотелја и желба за власт не мислат на ништо друго. Не смееме да дозволиме нова изолација, нови бранови иселувања на младите, нови барања за странски пасоши“ рече премиерот Димитар Ковачевски на младинската трибина „Младина, иднина, Европа“ во Скопје.

Тој ги повика младите на активност и гласност, да побараат европска иднина сега, бидејќи тие се главните кои бараат земјата да продолжи цврсто на патот кон ЕУ.

„Ако ја пропуштиме оваа можност, ќе пропуштиме уште 10 години. Уште една изгубена деценија. А 10 години денеска се 20 години од утре. Каква земја ќе бидеме ако заглавиме уште 20 години во место, додека целиот свет, регион продолжи понатаму? Како ќе им погледне на младите во очи секој оној што сега сака да го кочи и блокира европскиот пат? Што ќе им каже после 10 години извинете? Што имаат младите од тоа? Ништо! Единствениот начин да им обезбедиме подобар живот на младите да живеат во европска држава е да продолжиме брзо на патот кон ЕУ. Можеме до 2030 година да успееме“ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека сега е моментот кога имаме историска шанса и огромна поддршка од нашите меѓународни партнери.

„Кога опозицијата веќе не е против уставните измени, кога прифати дека Собранието има мандат да ги направи, кога се согласи во заедничка влада, нема причина разговорот да не продолжи. Ги повикувам да ја прифатат нашата подадена рака, заедно, братски, рамо до рамо, да седнеме, да ги договориме следните чекори и заедно да ја донесеме одлуката“ рече Ковачевски.