26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски во увид на цевководот „Макарија“: Вода за наводнување ќе има, инвестициите во водостопанската инфраструктура продолжуваат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов беше на увид на санација на системот за наводнување „Макарија“ во Росоман.

Владата на Република Северна Македонија, на една од последните седници го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да достави предлог измена на Програмата за водостопанство, со што се обезбедуваат потребните над 1,3 милиони евра за санација на проблемот.

„Во моментов, фирмата изведувач интензивно работи на санирање на дефектот и очекувам тоа брзо да се заврши, со што повторно ќе може да се обезбеди ефикасно наводнување на земјоделските површини, да се запази сезоната за наводнување и очекуваниот принос од околу 30 илјади тони на земјоделски култури. Се работи за непристапен терен, за систем за наводнување кој е оставен на забот на времето 50 години и за среќа во државата имаме и изведувачи и професори од Градежниот факултет, кои во најкраток период успеаја да најдат решение, кое веднаш тука ќе биде направено“, рече премиерот Ковачевски, при денешниот увид во Росоман.

Премиерот се заблагодари на брзата реакција на ресорното министерство и ги увери жителите од овој крај дека ќе се реши проблемот.

„Знаеме колку е важно за една квалитетна реколта да се има навремено наводнување на површините и на земјоделците им порачувам, да не се грижат, системот набрзо ќе се стави во функција и вода за наводнување ќе има. Затоа ставаме силен фокус на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, односно на реконструкција и изградба на модерни системи и брани за наводнување. Овие инвестиции значат намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна, ќе влијаат на зголемување на производството на храна и создавање на модерно и европско земјоделство“, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот издвои неколку клучни капитални инвестиции, при тоа спомнувајќи ги браната „Конско“ во вредност од 40 милиони евра, како најголемиот капитален проект за водоснабдување во последните 50 години. Тој, исто така, ги потенцираше изградбата на хидросистемот „Равен-Речица“, како и изградбата на браната на Оризарска река во Кочани и планираните четири системи за наводнување во државава.

„Со овие инвестиции решаваме децениски проблеми на земјоделците, обезбедуваме навремено и квалитетно наводнување на посевите. Нашата цел е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство, со мотивирани и задоволни земјоделци“, изјави премиерот Ковачевски.

Премиерот потенцира дека со правилни политики Владата успеала да ја отвори земјата кон повеќе ЕУ фондови и дека денес Северна Македонија е лидер по искористеност на средства од ИПАРД програмата со високи 97% искористеност. Со новата ИПАРД 3 програма, како што истакна премиерот, Европската Комисија ги зголеми средствата за 62%, со која на располагање земјата има неповратни 97 милиони евра од ЕУ. Тој ги охрабри земјоделците да ги користат овие програми.

„Оваа година започна најголемата реформа во земјоделството, за прв пат, по европски терк, се воведе новиот „decoupling систем“ за распределба и исплата на субвенциите. Земјоделците имаат авансна исплата на субвенциите, за да ги имаат парите тогаш кога им се најпотребни, да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство“, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски им порача на земјоделците дека времето на загриженост е зад нив.

„Сезоната е спасена, а род ќе има! Во текот на целиот период на овие случувања бевме на иста линија со вас и вашите потреби, вашата дејност е најважна за нас, без вас нема развој на економијата, нема развој на општеството и државата, вие сте нашиот приоритет, а ние сме секогаш тука за да создаваме погодна клима за вашето работење“, истакна министерот Николовски. Тој додаде дека овој регион ќе биде потпомогнат со откуп на домашно овошје директно од земјоделските производители.

Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов потенцираше дека и покрај тоа што се работи за потешко пристапен терен, работите се одвиваат со добра динамика. Градоначалникот Николов изрази голема благодарност до премиерот Ковачевски и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Николовски за брзото изнаоѓање на решение и реализација на санацијата.

„Уште еднаш Владата покажа дека навистина се грижи за земјоделците и со реализација на ова решение ќе го спасиме земјоделието во Општина Росоман и Градско од пропаст“, изјави градоначалникот Николов.

Професорот Петко Пеливаноски од Градежниот факултет во Скопје истакна дека се одзвале на поканата од ресорното министерство да помогнат во изнаоѓање техничко решение. Причина за оштетувањето според него, е староста на цевководот, како и деформација на мостот по кој поминува цевководот. Пеливаноски нагласи дека санацијата мора да биде направена многу брзо.