26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ не можеше за една резолуција да излобира, зарем тие ќе правеле нова преговарачка рамка?

Премиерот Димитар Ковачевски повтори дека на прес-конференцијата по одржаната лидерска средба јасно биле искажани позициите и од негова страна, како и од страна на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Сметам дека таа лидерска средба даде неколку важни пораки. Прво, дека ВМРО – ДПМНЕ не е против промена на Уставот, второ дека не е против вклучување на делови од други народи во Преамбулата на нашиот Устав, вклучително и на деловите од бугарскиот народ. Трето, дека овој парламентарен состав има легитимитет тоа да го направи, бидејќи пред тоа ВМРО – ДПМНЕ кажуваше дека нема. Четврто, дека оваа Влада има легитимитет, бидејќи ВМРО – ДПМНЕ побара да биде дел од Владата, при што беше веднаш понудено братски 50 – 50 местата на СДСМ да бидат отстапени половина на ВМРО – ДПМНЕ. Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ имаше уште еден услов, од нему познати причини, а тоа е ДУИ да не биде дел од Влада која што ќе стапи на функција по отворањето на Уставот и таа желба му беше исполнета од страна на ДУИ. Така да практично сите работи кои што беа поставени беа и прифатени, кажа Ковачевски.

Според него, овие теми на маса се одлична основа за работата да продолжи на оперативно ниво, низ работни групи коишто ќе можат да ги договорат деталите.

-Бидејќи сепак се работи и за детали, кога почнува Владата да функционира, кога се гласаат уставните измени, се работи за рокови. Сметам дека оваа одлука треба да се донесе заедно, сметам дека ВМРО – ДПМНЕ исто така се наоѓа во позиција која што не е најпријатна. Бидејќи една голема партија да не гласа ниту една одлука која што е значајна за стратегиските цели на државата, тие не поддржаа ниту договор со Грција, ниту членство во НАТО, ниту догвор за добрососедство, ниту преговарачката рамка, ниту договорот Фронтекс. Стварно е непријатно кога самите не знаат да ги објаснат. На пример, за Фронтекс велат дека не го слушнале ѕвончето. Знаете кога ќе кажат 44 луѓе дека не слушнале ѕвонче, тогаш е стварно, сфаќате дека се наоѓаат во непријатна ситуација, додаде премиерот одговарајќи на новинарски прашања.

Тој нагласи дека треба да се многу важна одлука за државата и тоа треба да се направи заеднички.

-Сметам дека тие ќе изнајдат сила и начин тоа да го направат. Гледам дека во еден момент имаше желба, знаете првиот ден после лидерската средба, таа беше на 7-ми јуни, на 8-ми јуни имаше практично дисонантни тонови од ВМРО – ДПМНЕ, во однос на толкувањето, за да после 2 -3 дена, јас не сакам да верувам дека тоа е под притисок на Левица, потполно да се вратат чекор назад. Сметам дека тоа што беше постигнато таму е добра основа да се продолжи низ заедничка работа, да се направи следниот чекор. Во таа група треба да бидат вклучени нормално и другите партии.

Тој додаде дека пораката за носењето на вистински одлуки доаѓа и од нашите најголеми партнери кои се со нас во изминатите 30 години и земјите членки на ЕУ и САД.

-Бундестагот донесе резолуција со која што го птврдува македонскиот јазик, идентитет, култура и ја искажува својата недвосмислена поддршка за нешто вклучување во ЕУ со што ќе ја збогатиме културата и идентитетот на Европа, на европскиот мозаик. ВМРО – ДПМНЕ до сега зборуваше во делот на заштита на идентитет, култура, јазик, односно го плашеше народот дека ќе сме го изгубеле, токму спротивното се случи. Македонскиот јазик, идентитет, култура, се потврдени на врвно ниво во ЕУ, дополнително и со резолуција на најсилната држава, или една од најсилните држави во Европа и светот. За жал тие не успеаа, како што не успеаа 11 години, да направат ништо на европски и регионален план за државата, не успеаа ниту минатата недела. Бидејќи токму нивните сестрински партии не ја поддржаа таа резолуција. Тоа значи дека, знаете тие велеа, кога тие ќе дошле ќе преговарале нова преговарачка рамка. Тие не можеа една резолуција да излобираат од три пратеника да гласаат во Германија, ќе правеле нова преговарачка рамка. Така да мислам дека треба да опстанат на она што го кажаа на прес – конференцијата на 7ми јуни и да седнеме и заедно братски, рамо до рамо да ги донесеме одлуките кои што значат подобра иднина и животен стандард на нашите сегашни и идни генерации, заклучи Ковачевски.