Пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски упати благодарност до германскиот парламент за усвоената Резолуција.
„Добивме поддршка на европскиот пат, потврда и признание на македонскиот јазик, култура, идентитет и посебност. Во усвоената Резолуција поддржана од сестринската партија на СДСМ – СДП и од страна на Либералите и Зелените јасно стои: „Германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик. Во Европската Унија, која се карактеризира со голема разновидност на јазици и култури, јазиците се составен дел од нашето заедничко културно наследство“, прецизира Каевски.
Според него, јазичната разноликост се практикува во повеќејазичноста на програмите и во работата на институциите.
„Македонскиот јазик и култура дополнително ќе ја збогатат оваа разноликост. Европската Унија го смета зачувувањето и заштитата на ова богатство како една од нејзините најважни задачи Јасна, силна и моќна порака за исправноста на патот по којшто се движиме, за исправноста на политиките на Ковачевски, на СДСМ и на парламентарното мнозинство и за поддршката за продолжување на европскиот пат.
Дополнително ова е почит кон нас како народ со сета своја посебност, кој има направено многу досега за европските вредност“, вели Каевски.
Оценува дека јавноста добро знае чија заслуга е Резолуцијата во германскиот Бундестаг.
„За жал ДПМНЕ освен блокади не направија ништо ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту пак за оваа резолуција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност. Зошто ДПМНЕ и Мицкоски не лобирале кај своите партии за поддршка? На ова прашање Мицкоски и пратениците од ДПМНЕ им должат одговор на македонските граѓани’, додаде пратеникот од СДСМ.