Во време кога државата се наоѓа пред историска шанса за продолжување на европскиот пат, потребна е одговорност од сите релевантни политички субјекти и парламентарни партии, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
СДСМ, вели тој, подаде рака кон опозицијата, се одржа лидерска средба и се отвори дијалогот.
Она што е најважно, според него, е дека е дојдено до точка каде што од страна на Христијан Мицкоски се прифатени уставните измени и учество во широка влада.
Сега, како што рече, потребно е дијалогот да продолжи, но да продолжи суштински и наместо преку изјави и прес-конференции, потребно е и ДПМНЕ да формира работна група.
„Нема потреба ниту да се навраќаме наназад ниту да ги толкуваме. Променетиот став е добар за државата и повикуваме да останат на тој став за да продолжи дијалогот што побргу. Мицкоски и ДПМНЕ цело време, со месеци, изјавуваа дека овој парламентарен состав нема мандат за уставни измени од народот и дека во овој состав не се можни. СДСМ ја охрабрува ДПМНЕ да остане на променетиот став“, нагласи пратеникот од СДСМ.
„Ги охрабруваме Мицкоски и ДПМНЕ да останат на последниот свој став, да продолжи дијалогот, сите заеднички да ја преземеме одговорноста за сегашните и идните генерации, заедно да ја обезбедиме европската иднина преку полноправно членство во ЕУ во следните неколку години“, додаде Каевски.