25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Битиќи од МЕФ форумот: Треба да го искористиме секој обновлив извор за да го декарбонизираме општеството

„Еден од предизвиците со кои се соочуваме како општество е преминувањето на електричен транспорт, но дали овој транспорт е правото решение ако производството на енергија е од фосилно гориво со што ја карбонизираме животната средина да ја декарбонизираме“, рече заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, при неговото обраќање на панел-дискусијата на шестото издание на МЕФ Енергетскиот Форум 2023 кој се одржува под негово покровителство.

Говорејќи за можностите за соработка меѓу политиката, енергетските технологии и финансиите за еластична и просперитетна енергетска иднина, и на тоа како војната во Украина влијаеше врз енергетскиот сектор на Северна Македонија, вицепремиерот Битиќи рече дека кога почна војната во Украина пошироката јавноста сфати дека сме единствената држава во Европа која 100% е зависна од рускиот гас, но наша среќа беше фактот што не сме голем увезувач на рускиот гас и како држава не сме голем корисник на гас, бидејќи денес би говореле за катастрофалните последици по нас што би можело да ги има војната во Украина.

„Оваа ситуација побара наша брза реакција но брза реакција и од страната на ЕУ, токму војната во Украина нè натера на некој начин да го диверзифицираме увозот на гас што го направивме за прв пат после независноста, и ова го постигнавме со едно едноставно решение, преку зголемување на капацитетот на цевководот за импорт на гас кој не е руски.

Војната во Украина имаше голем ефект по нашата економија, поточно нè чинеше од нашиот БДП во смисла на покривање на енергетските трошоци и другите потреби за субвенционирање на економијата, што за земјите кои се борат за секој процент за пораст на БДП значи многу“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи се осврна и на климатските промени, и потребата за соработка меѓу државите за поефикасно справување со предизвиците.

„Некои од предизвиците со кои се соочуваме е електричниот транспорт, но дали овој транспорт е правото решение ако производството на енергија е од фосилно гориво со што го карбонизираме нашето општество наместо да го декарбонизираме, и затоа предизвикот е како да го употребиме секој извор за да постигнеме јаглеродна неутралност, и токму ова е тоа што ние го промовираме како држава“, рече вицепремиерот Битиќи на панелот на кој учествуваа и албанската министерка за енергетика и инфраструктура, Белинда Балуку, регионалниот директор за трговија и инвестиции при Централна Европа во Одделот за бизнис и трговија на ОК, Ричлов Менса, Салар Фариди, виш директор, Plug and Play од САД, Вернер Дивалд, претседател, германско здружение за водород и горивни ќелии (DWV), Германија, и Рене Шли, фондација Фридрих Еберт, директор за Северна Македонија и Косово.