23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на законите за изградба на стратешки инфраструктурни проекти од национален интерес

Собранието на Република Северна Македонија, денеска, ги изгласа измените и дополнувањата на законите за изградба на стратешки инфраструктурни проекти од национален интерес. Се работи за измени на Законот за работни односи, Законот за експропријација, Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање.

Промената на законските решенија се однесува на доуредување на постоечките закони, со кои ќе се овозможи ефикасна и брза реализиција на стратешките проекти кои се однесуваат на изградба на патиштата, железничките пруги, гасоводи и други градби од национален интерес.

Изградбата на стратешките инфраструктурни проекти е важна пред сè за подобрување на условите за живот на граѓаните, за обезбедување модерна и безбедна патна и железничка инфраструктура, за рамномерен регионален развој, што крајно значи и дополнителен импулс за развојот на вкупната економија.

Меѓу позначајните стратешките проекти е изградбата на Коридорите 8 и 10д, со кои како држава за прв пат, се поврзуваме кон запад и исток, се поврзуваме со пристаништето во Драч и со пристаништето во Бургас.

На денешната собраниска седница беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија.

Со овие два коридори за прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Се поврзуваме со пристаништето во Драч и со пристаништето во Бургас. За споредба, досега имавме пристап само до пристаништето во Солун. Трасите каде што ќе се градат делниците отвораат дополнителни можност за изградба на нови објекти од различни дејности, како што се бензиски пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се нови можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.

Реализацијата на овој стратешки проект, во кој е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2% годишно во наредните пет години.

Со изградбата на овие два коридори, од кружен тек на Балканот, Северна Македонија конечно станува вистинска крстосница на Балканот, можност да бидеме на сообраќајната и економската карта на Европа.