24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ против укинување на телефоните во учичиштата? – Јаневска: Им ги укинувате телефоните на истите деца што Царовска ги советуваше да учат од нив оти нема книги

Претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска, вели дека владините препораки за училиштата се неразбирливи, несоодветни и нецелосни. Таа смета дека потребни се стручни тимови за поддршка на родители и деца со девијантно однесување, а не разговори со секое дете.

„Читам Владата донела сет препораки за училиштата за подигање на безбедноста и превенција на врсничкото насилство.

Општините во соработка со меѓуопштинските центри за социјална работа треба да формираат стручни тимови, кои ќе разговараат со секое дете во секое училиште. Не баш ја разбирам мерката, ама ако сакате да им го одземете времето и вниманието од оние со кои треба да разговараат и долгорочно да работат, идејата не е лоша. Стручни тимови за поддршка на родители и деца со девијантно однесување требаат, не разговори со секое дете, но вие сте власт, вие одлучувате.

Сите основни и средни училишта да одржат состаноци со сите родители за подобрување на процесите, безбедноста, организацијата и состојбите во училиштата. Ова работа на родителите е? Да, добредојдени се идеи и помош, но ова е работа на МОН. Родителите да се потсетат на Законот за семејството и Кривичниот закон во делот на одговорноста при извршување на родителското право. Ќе ги потсетат и понатаму?“, прашува Јаневска.

Според неа, на родителите чии деца покажуваат врсничко насилство не им треба потсетување, туку им треба стручна помош, инаку, како што вели, детето не би се однесувало така како што се однесува.

„Укинување употреба на мобилни телефони на час. Ова е баш ‘најдобрата мерка’ небаре баш сите деца на час играат видеоигри или гледаат во телефон за забава. Заборавивте дека Мила Царовска им велеше од телефон да учат? Знаете дека недостига ИКТ-опрема, па децата користат телефон наместо таблет? Знаете дека нема, на пример, учебник по француски, па децата користат телефон? Дома ќе им ги забраните?“, додава Јаневска.

Не треба забрана за телефон, вели Јаневска, туку треба воспитување, разликување на добро и лошо, емпатија.

„Чисто за информација, во Словенија постои катедра за невронаука во образование и воспитание“, заклучи Јаневска.