Здружението за надворешна имеѓународна политика „Совет на Амбасадори„ на 11 и 12 мај 2023 година беше домаќин на посетата на бројна делегација на Совет на американски амбасадори, влијателна, невладина организација, во која, како и во нашиот Совет на амбасадори, членуваат највисоки дипломати кои веќе биле амбасадори во бројни мисии на САД во разни делови на светот.
Билатералните разговори на македонските и американските колеги беа посветени на соработката меѓу двата Совети со акцент на можностите посилно да се афирмира улогата на нашата земја во Северноатлантската алијанса и во тие рамки да се унапредува и билатералната соработка со Соединетите американски држави, како стратегиски партнер на Република Северна Македонија. Предмет на интерес на американските колеги беа и прашањата како да се поттикнат интензивните напори на Република Северна Македонија на патот кон полноправното членство во Европската Унија.
На овие теми и за други прашања од нивен интерес, американските колеги, заедно со членовите на Извршниот Одбор на Советот,, имаа можност да разговараат и со највисоките државни претставници на Република Северна Македонија, претседателот на државата Стево Пендаровски, спикерот на Парламентот, Талат Џафери со заменик претседателот на Владата Бојан Маричиќ и со Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, и тоа во многу актуелен контекст, непосредно по неговата посета и средбите остварени во Њујорк и во Вашингтон.
Во рамките на посетата на нашата земја, американските колеги имаа можност да го посетат и разгледаат археолошкиот комплекс Стоби, како дел од значајните вредности што нашата земја ги понудила во ризницата на светското културно-историско наследство, а, беа гости и на европски афирмираната винарница „Тиквеш“ и на првиот човек на овој македонски бизнис бренд, Свето Јаневски.